СИНДИКАТОТ НА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ ЌЕ ТУЖИ ДО ВРХОВЕН СУД И ДО СТРАЗБУР ЗАШТО СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА МУ ЗАБРАНИ ШТРАЈКУВАЊЕ

    СИНДИКАТОТ НА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ ЌЕ ТУЖИ ДО ВРХОВЕН СУД И ДО СТРАЗБУР ЗАШТО СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА МУ ЗАБРАНИ ШТРАЈКУВАЊЕСиндикатот вели дека за првпат им е задушено уставно загарантираното право на штрајк. (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Скопје се премисли и му забрани на Синдикатот на контролори на летање при М-НАВ да штрајкува без да му дозволи гранковиот синдикат, бидејќи овој е само негова подружница. За разлика од првиот пат, кога во декември 2025 Апелација ваквата првостепена одлука ја укина и ја врати на повторно судење, сега при исти услови ја потврди во корист на директорите на М-НАВ кои го тужат Синдикатот на контролори кој лани зимата се закани со штрајк.

    За контролорите на летање кои подолг период се бунат против партиските вработувања, стара и неисправна опрема за работа, се бунеа поради неисправен радар и други тековни проблеми во М-НАВ, ова е гушење на уставно загарантираното право на штрајк во Македонија и опасен преседан за сите работни луѓе во случај оваа одлука на Апелациониот суд Скопје да стане судска пракса.

    Затоа, најавуваат поднесок до Врховниот суд, од кого ќе бараат да донесе мислење по ваквата одлука на Апелација, која е конечна. По Врховен, ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд и на крајот тужба до Европскиот суд за човекови слободи и права во Стразбур.

    „За првпат се создава судска пракса со која со забранува штрајк како уставно право. Ова не е прашање само на еден синдикат или една институција. Ова е прашање од значење за иднината на синдикалното организирање и правото на штрајк во Македонија. Особено загрижува фактот што судовите прифатија правна конструкција според која реактивирањето на веќе започнат штрајк поради неисполнување на обврски од претходно склучена спогодба, се третира како нов штрајк“, изјави денеска претседателот на Синдикатот на контролорите на летање Александар Тасевски.

    Тој кажа дека во текот на постапката биле доставени обемни докази, меѓу кои и спогодба склучена во постапка за помирување, во која изречно била предвидена можноста за реактивирање на штрајкот во случај на неисполнување на преземените обврски како што е во нивниот случај.

    „Сметаме дека овие докази не беа соодветно анализирани и ценети од страна на судовите, односно вон контекст на реалната фактичка состојба“, рече Тасевски и на новинарско прашање додаде дека не е првпат Основниот граѓански суд Скопје и Граѓанскиот оддел во Апелациониот суд Скопје да се однесуваат неправедно кон членови на Синдикатот, а привилегирано кон директорите на М-НАВ како спротивставена страна.

    За пример даде дека десетина приватни тужби поднесени од контролори на летање за работни спорови против менаџментот на М-НАВ им биле враќани на доработка како нецелосни, поради тоа што фалело во нив некој податок.

    „Внимателно следиме и гледаме дека во обратна ситуација, не само што во тужбите поднесени од менаџментот фалат истите тие податоци, туку тие такви нецелосни тужби против нашите уставно загарантирани права, победуваат во овие два суда“, тврди Тасевски.

    За контролорите на летање судската одлука да им се забрани штрајк во иднина отвора сериозни прашања поврзани со примената на Законот за работни односи, Законот за мирно решавање на работните спорови, синдикалните слободи и стандардите утврдени со Европската конвенција за човекови права и конвенциите на Меѓународната организација на трудот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира