Жените на возраст од 45 до 54 години и мажите на возраст од 18 до 34 најмногу ги изгубиле работните места во коронакризата во земјава, стои во истражувањето за влијанието на пандемијата врз социо-економската состојба и егзистенција на жените и мажите во Северна Македонија. Истражувањето е поддржано во рамките на проектот на Обедините Нации Жени „Промовирање на родово-одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – СИДА.
Наодите покажуваат дека кризната мерка донесена од Владата која дава можност еден од вработените родители да остане дома заради грижа за дете/деца до 10 годишна возраст била искористена исклучиво од вработени жени, кои живеат во урбана средина, се во брак/партнерска заедница или самохрани мајки, со очекувано најголема искористеност во возрасната група 18-44 години.
„Ваквата состојба може да има потенцијални негативни последици по вработените жени на подолг рок (доколку интензитетот на пандемијата продолжи), бидејќи може да влијае на дополнителен пораст на родово-базираната дискриминација на пазарот на труд и пораст на ризикот од губење на работните места на жените доколку има злоупотреби и недоволна институционална ефикасност во превенцијата и заштитата на правата на работничките. Дополнително, доколку пандемијата трае подолго, примената на оваа мерка исклучиво од страна на жените може да влијае на дополнително зацврстување на традиционалните родови улоги (жените примарно одговорни за грижа за децата и домашните активности-неплатена работа; мажите примарно одговорни за платена работа) и можностите за кариерниот развој на жената“, се вели меѓудругото во заклучоците од истражувањето.
Наодите од анализата на владините мерки за справување со последиците од пандемијата покажуваат дека иако економските и социјалните мерки се донесени на самиот почеток на кризата и вклучуваат родово-сензитивни мерки, сепак, недостасува специфичен фокус на жените, имајќи ги предвид преткризните родови нееднаквости во економската сфера и опасноста од понатамошно продлабочување на нееднаквостите и влошување на економската положба на жените, особено ранливите групи жени. Порастот на регистрираните официјални пријави за извршено насилство врз жените и семејно насилство за време на пандемијата ги потврдија предупредувањата од граѓанските организации, институциите и меѓународните организации.
- Наодите покажуваат дека повеќе жени споредено со мажи ја смениле локацијата на работа и продолжиле со работа од дома.
- Кризата има значајно влијание и на личните ресурси и приходи на граѓаните. Најмногу испитаници кои се соочиле со намалување на приходите има помеѓу испитаниците кои заработуваат приходи од платена работа, земјоделска дејност, или се сопственици на бизнис или хонорарниработници.
- Повеќе мажи од жени се соочиле со намалени приходи од заработувачка (плата, приход од земјоделие, сопствен бизнис или инвестиции). И кај жените и кај мажите од руралните средини се регистрира намалување на приходот од земјоделска дејност, но, намалувањето е повеќе изразено кај жените наспроти мажите. Споредено со мажите, жените се соочуваат повеќе со намалување на приходите од пензии, социјални примања, дознаки од странство, помош од семејството/пријателите (храна, пари) и Владата. Овој наод укажува дека жените повеќе од мажите зависат од приходите од социјалните трансфери и од дознаките од странство кои ги праќаат нивните членови од семејството или роднините.
- Наодите посочуваат дека жените се повеќе подложни на негативни ефекти од пандемијата, особено кога станува збор за покривање на основните трошоци за живот. Една од три жени смета дека ќе се соочи со тешкотии во покривање на основните трошоци поврзани со секојдневна егзистенција како што е храната и најосновните хигиенски производи, и една од три жени смета дека ќе ѝ биде тешко да го покрие плаќањето на киријата и сметките за комунални услуги. Дополнително, повеќе жени споредено со мажи сметаат дека доколку продолжи кризата и рестриктивните мерки тие ќе мора да побараат помош од роднини или пријатели.
- Жените од руралните средини се најранлива категорија меѓу испитаниците во однос на нивната финансиска состојба. Споредбата со жените во урбаната средина покажува дека руралните жени би се соочиле со повеќе тешкотии во плаќање на основните трошоци за храна и хигиенски производи, како и во пристапот до здравствени услуги. Исто така, наодите покажуваат дека жените од рурална средина многу повеќе би се соочиле со потребата да побараат помош од роднини/пријатели или да земат кредит.
- Мажите добиваат повеќе помош од нивните пратнерки кога се во брак/партнерска заедница, или од други членови од фамилијата кога се вдовци или не се во брачна/партнерска заедница.
Постои мала родова разлика во поддршката од партнерот во домаќинства без деца каде жените повеќе споредено со мажите испитаници потврдиле пораст на поддршката од нивниот партнер. - Жените, исто така, пријавиле зголемување на помошта од синовите во извршување на домашните работи и грижата. Поголемото инволвирање на синовите во извршувањето на домашните активности претставува позитивен аспект во однос на промената на традиционалните родови улоги во семејството, особено кога станува дел од секојдневието на помладите генерации.
- Жените во погoлема мера споредено со мажите чувствуваат зголемен стрес и анксиозност како резултат на пандемијата, односно имаат поголемо негативно влијание на менталното здравје.
- Наодите покажуваат дека во време на пандемија, речиси половина од испитаниците кои доживеале насилство или пак имаат сознание или сведоштвото за насилство, не го пријавуваат, односно не бараат помош од соодветните инситуции, центри или полиција, и ова е почесто случај кај жените споредено со мажите. Дополнително, лицата кои живеат во рурална средина почесто се соочуваат со одредени
потешкотии во пристапот до услугите за заштита од семејно насилство споредено со лицата од
урбаните средини и поретко се одлучуваат да го пријават насилството и побараат помош споредено со лицата кои живеат во урбаните средини. Овие наоди ја рефлектираат постојната состојба во земјата во поглед на ограниченоста на пристапот до сервиси за поддршка на жртви на семејно насилство во руралните средини, како и ограничениот досег на информираност за сервисите и достапната помош и поддршка за жените жртви на насилство и семејно насилство.
Б. НЕСТОРОСКА