СИСТЕМОТ ЗА ЕЛЕКТРОНСКА РАСПРЕДЕЛБА НА СУДИИТЕ НЕ СЕ ОДРЖУВА ЦЕЛА ГОДИНА, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВРХОВНИОТ СУД ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ

    СИСТЕМОТ ЗА ЕЛЕКТРОНСКА РАСПРЕДЕЛБА НА СУДИИТЕ НЕ СЕ ОДРЖУВА ЦЕЛА ГОДИНА, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВРХОВНИОТ СУД ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИПретседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски вели дека распределбата на предметите кај судии е беспрекорна, бидејќи лично тој проверувал. (Фото: СДК.МК)

    АКМИС системот, Автоматизираниот систем за управување со судски предмети, платен од Американците, кој што ги распределува и предметите од Специјалното јавно обвинителство, предметите од медиумското адхок тело, но и поранешните политички прогонства кај едни исти судии, не се одржува веќе подолго време, откако поранешната фирма за одржување се повлекла пред една година, бидејќи не ѝ било плаќано за услугите, потврди претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски.

    Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, АКМИС системот ќе биде под истрага за сериозни сомнежи за злоупотреби и Ќе се бара кривична одговорност за злоупотребите. Во проверките ќе се вклучи и производителот на опремата, каде што се бележеле сите логови и ништо не можело да биде сокриено.
    Вангеловски ни изјави дека АКМИС системот работи, дали е беспрекорно не може да знае во целост, бидејќи нормално е секаде да се јават тековни проблеми, но дека распределбата на предметите кај судии е беспрекорна, бидејќи лично тој проверувал.

    „Изворниот код за АКМИС системот е во Врховниот суд. Тука од производителот е предаден во целост. Го нема на друго место. Оттаму, не може ни производителот, ниту некој друг, да влегува во системот освен преку кодот во Врховниот суд“, вели Вангеловски на прашањето дали може производителот на опремата преку логовите што ги има да ги открие евентуалните злоупотреби со местење на предмети кај точно одредени, подобни судии, т.е. дали и како се изигрувал АКМИС системот во случајната распределба на судските предмети.

    ЕКСПЕРТИ ОД САД ЌЕ ИСПИТУВААТ ЗЛОУПОТРЕБИ НА ЕЛЕКТРОНСКАТА РАСПРЕДЕЛБА НА СУДСКИТЕ ПРЕДМЕТИ

    По објавувањето на владиниот план 3-6-9, каде во делот за итните судски реформи наведено е дека ќе има „спроведување контрола и увид во системот за управување со судски предмети (АКМИС) за утврдување на евентуална злоупотреба и одговорност “, неофицијално, се појавила паника кај претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, кај в.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1 Стојанче Рибарев, но и кај неговите претходници Владимир Панчевски и Татјана Михајлова. Вангеловски, според нашите извори, пријавувал дека АКМИС системот е расипан.

    Овие тврдења Вангеловски ги отфрла, но потврдува дека подолго време, нема нова јавна набавка за тековно одржување на системот за објективна распределба на судските предмети. Поранешната фирма за одржување се повлекла пред една година, бидејќи не и било плаќано за услугите.

    АКМИС системот е воведен во 2010 година во времето на претходниот мандат на Вангеловски, со пари од УСАИД. Цело време се зборува за злоупотреби со овој систем кога се делат предмети кај судиите. Сомнежот на злоупотребите е фрлен најмногу кај АКМИС-от на Основниот суд Скопје 1, кој физички бил сместен во Апелациониот суд Скопје.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира