Јас сум многу задоволен од денешниот состанок, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче по завршувањето на 21. Конгрес на партијата.
„Од формален аспект може да се каже дека Конгресот беше успешен во смисла на тоа дека беше усвоен Извештајот за локалните избори во 2025 година и се изгласа доверба на сите партиски тела за кои според Статутот денеска требаше да се гласа, а тоа е заменик-претседателката на партијата, како и Централниот и Извршниот одбор. Од аспект на дискусија, од аспект на предлози, совети, забелешки, критики, од аспект на пофалби, Конгресот беше многу успешен. Имавме одлична дебата, многу дискутанти и секој и сечие мислење беше конструктивно, добронамерно. И критиките и пофалбите. Сите тие дискусии, како сублимат ќе бидат дискутирани на следните состаноци на Извршниот и на Централниот одбор со цел да се утврди дали согласно некои препораки и предлози ќе треба да се прават дополнителни измени во Статутот на партијата, во делот на креирањето на политиките“, изјави Филипче.
На новинарско прашање дали на Конгресот се разговарало и за забелешките од членовите кои искажуваат незадоволство за партиското раководство, Филипче одговори се дискутирало за многу работи, меѓу кои и за тоа.
„Се дискутираше за многу работи за тоа, се дискутираше и за огромниот број на членови и наши симпатизери, поддржувачи кои што за тие луѓе кои денеска ја критикуваат партијата трчале и давале поддршка за време на нивните предизборни кампањи.
За разочараноста на тие навистина верни членови кои што без никаков бенефит ги поддржувале овие наши поранешни функционери. Тие биле во партијата и пред да бидат на функција, за време на нивните мандати и се сега искрени и чесни членови. Се зборуваше од сите аспекти“, рече Филипче.




