Апелациониот суд Скопје го ослободи од куќен притвор и пратеникот Љубен Арнаудов од ВМРО-ДПМНЕ, откако тоа претпладнето го стори кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1 за неговиот партиски колега Сашо Василевски. Апелациониот суд Скопје треба да одлучи уште за пратеникот Крсто Мукоски, за кого Скопска апелација уште нема одлука.
Претходно од притвор со гаранција од над 600 илјади евра, беше пуштен обвинетиот ексдиректор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. Остануваат во притвор во Шутка уште единаесетмина и уште толку во куќен притвор. Дел од обвинетите кои се во куќен притвор кои се во можност да контактираат со новинарите, утринава прашуваа дали е точно што се шушка дека пратениците со парични гаранции ќе бидат ослободени од куќен притвор?
Арнаудов (пуштен да се брани од слобода со 300 илјади евра) е обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок, во делот на организација на нападот на Собранието на 27 април лани. Василевски (пуштен со гаранција од 400 илјади евра) е обвинет за истото дело, во делот на отворање на собраниските врати, исто како и Мукоски. На видео снимките кои се предложени како доказ во постапката, јавноста виде дека тие ги отвораат собраниските врати за да влезе толпата предводена од насилниците. Сведоци сведочеа дека ако не биле отворени одвнатре тешките собраниски врати на кои имало ставено заштитни железни греди, нема начин толпа да ги пробие и да влезе внатре.
Сашо Василевски не сакаше денеска да коментира ништо за неговото пуштање да се брани одслобода, а ни дали во Собрание би гласал за уставни промени. Љубен Арнаудов, на прашање дали ако има амнестија за обвинетите за организираниот напад на Собранието, би гласал за уставните измени, рече оти нема размислувано за такво нешто и дека ако биде ослободен од куќен притвор и ако треба да бира меѓу амнестија и гласање за уставните измени, ќе одлучи за доброто на народот и на Република Македонија.
Од моментот кога му се прекинува на обвинет мерка ефективен притвор или куќен притвор, престанува да му се смета во евентуалната казна времето поминато во притвор.
Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски одамна веќе не се во притвор и одат на седници во Собранието кога нема рочиште за 27 април. Во куќен притвор засега останува само Крсто Мукоски.
С. К. ДЕЛЕВСКА