СИТЕ ШТО ПРЕЛЕЖАA КОВИД-19 МОЖЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ НАЈМАЛКУ ЕДЕН МЕСЕЦ ПО ЦЕЛОСНОТО ОЗДРАВУВАЊЕ

СИТЕ ШТО ПРЕЛЕЖАA КОВИД-19 МОЖЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ НАЈМАЛКУ ЕДЕН МЕСЕЦ ПО ЦЕЛОСНОТО ОЗДРАВУВАЊЕСогласност за вакцинација и вакцинален картон кој ќе се добива на вакциналните пунктови (Фото: СДК.МК)

Вакцината против ковид-19 може да ја прими секој што се чувствува здрав, а тие што прележале ковид може да се вакцинираат најмалку еден месец по целосното оздравување, како што и се препораките од Светската здравствена организација (СЗО) и меѓународните искуства, вели проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација.

Вакцинацијата во земјава почнува денеска со здравствените работници од Клиниката за инфективни болести, со првата пратка на вакцините од „Фајзер“ кои ги донираше Србија.

Препораката на здравствените власти е тие што прележале ковид-19 скоро, бидејќи имаат антитела дека можат да причекаат подоцна да се вакцинираат и да остават можност да се вакцинираат тие што немале до сега контакт со вирусот.

Лицата кои прележаа ковид-19 со тешка состојба и лежеа во болница, после еден месец пак ги викаат во болница на контрола. И тие, како што велат специјалистите, може да почекаат уште некој месец, иако не е контраиндицирано, ако веќе се оздравени повеќе од еден месц и тие да примат вакцина против ковид-19.

„Нема да се прават никакви тестирања и анализи на крвта, ниту ќе се оптоварува здравствениот систем со претходни проверки, туку секоја состојба треба индивидуално да се процени. На вакциналниот пункт ќе има лекари и ќе се пополнува прашалник со согласност. Официјална препорака е дека вакцина може да прими секој што е во добра здравствена состојба без имунолошки заболувања“, ни изјави д-р Грозданова.

Претпазливост треба да има само кај:

  • Хронично болни што во моментов имаат намален имунитет, кај автоимуни заболувања и лица што во моментов примаат имунотерапија;
  • Кај тие што имаат алергија на некакви лекарства или претходно јавиле посериозни алергиски реакции;
  • Кај пациенти што прележале ковид со сериозна клиничка слика, со компликации или имаат состојба на т. н. продолжен ковид.

Грозданова вели дека тоа не значи дека тие пациенти не смеат да примат вакцина. „Сите тие можат да примаат вакцина, но со задолжителна претходна консултација со лекарот-специјалист кој ги води“, вели таа.

Директорката на Клиниката за хематологија д-р Ирина Пановска-Ставридис вели дека добро  контролирана антикоагулантна терапија не е контраиндикација за вакцинација.

„Вакцината против ковид-19 не ги зголемува вредностите на д-димери. Но, д-димери асоцирани со активна малигна болест или сепса се контраиндикација за вакцинација – значи тие луѓе сега не смеат да примат вакцина“, вели д-р Пановска-Ставридис.

Трудници не се вакцинираат затоа што производителите на вакцините немаат клинички испитувања за тоа како имунизацијата ќе има ефект врз плодот.

Во оваа фаза на имунизација се исклучени и децата до 16 години бидејќи и тие не беа дел од досегашните клинички испитувања.

Според Националниот план за имунизација, во првата фаза за вакцинирање се здравствените работници кои работат со ковид пациенти, матичните лекари и лицата над 70 години. Во системот за закажување имунизација се вклучени и матичните лекари. Системот Мој термин веќе ги утврдил сите што се над 70 години и матичните лекари вршат анкети лично кај своите пациенти.

За хронично болните уште не се пуштени списоците. Планот тековно ќе се ажурира според тоа како ќе пристигнуваат вакцините и според бројот на вакцини со кои ќе располага државата.

Вкупно ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата се 97.456,  од кои оздравени се 88.301,  починаа 3.003, а активни се 6.152.

Б. НЕСТОРОСКА

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.


    ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


    Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира