СЈО ДОСТАВИ НОВИ ДОКАЗИ ЗА ПАЛЕЊЕТО ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО, СУДЕЊЕТО НА ГРУЈЕВСКИ ОДЛОЖЕНО ЗА 2 НОЕМВРИ

    СЈО ДОСТАВИ НОВИ ДОКАЗИ ЗА ПАЛЕЊЕТО ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО, СУДЕЊЕТО НА ГРУЈЕВСКИ ОДЛОЖЕНО ЗА 2 НОЕМВРИСпецијалната обвинителка Ленче Ристоска рече дека исказите на сведоците во целост одат со она што е опфатено со обвинението и се надева дека на наредното рочиште предметот ќе биде затворен.(Фото: СДК.МК)

    Предметот „Тврдина 2“ во кој што избеганиот ексначалник на Петта управа во УБК Горан Грујевски, вработениот во УБК Никола Бошковски и уште 6 вработени се обвинети за палење на докази за нелегалното прислушување, се одложи за 2 ноември. Судијката Лидија Петровска го одложи рочиштето откако обвинителката на Специјалното јавно обвинителство Ленче Ристоска, достави дополнителни материјални докази за случајот.

    Обвинителката Ристоска ги достави доказите откако на почетокот на судењето, одбраната наведе дека СЈО не е надлежно за овој случај односно тој не произлегува од прислушуваните разговори и дека треба да го преземе Јавното обвинителство.
    „За да докажаме дека уништената документација е поврзана со системите за следење на комуникации, предложивме како доказ да бидат изведени токму договорите за набавка на тие системи, за кои што оригиналите се наоѓаат во предметот „Таргет и Тврдина“ и се дел од тоа обвинение“, рече Ристоска.

    Обвинителката рече дека исказите на сведоците во целост одат со она што е опфатено со обвинението и се надева дека на наредното рочиште предметот ќе биде затворен.

    Адвокатот на Горан Грујевски, Љупчо Шврговски рече дека нема никаков контакт со обвинетиот од моментот кога тој е недостапен на органите. Тој побара од судиката Петровска да се отфрлат новите докази што ги достави СЈО бидејќи овој предмет не произлегува од нелегалното следење на комуникации.

    На судењето денеска покрај сведоците на обвинителството, сведочеше и една од обвинетите, која била член на Комисијата за уништување на документите. Таа рече дека не знаела што потпишала, односно дека не знаела дека е член на Комисијата.
    „Ми рекоа дојди да се потпишеш, ова е за делот на работата на секретарките. Ми отворија на последата страна и јас само се потпишав“ рече една од обвинетите која сведочеше.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира