Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски се појави во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за, како што најави Општината, да посведочи за нарачаните шамари од прислушуваните разговори и за демолирањето на општинските бараки.
СЈО не ги потврди тврдењата од соопштението на општина Центар. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вчера соопшти дека во периодот што следи ќе има зголемена фреквенција на лица во нејзиното Јавно Обвинителство, но таа нема да открива детали за предистражните посташки.
„Постапките се однесуваат на досега објавените и необјавени неовластено прислушкувани разговори. Заради тајноста на предистражната постапка, поконкретни детали нема да се откриваат.“, стои во соопштението на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Во неделата општина Центар издаде соопштение со кое ја најави денешниот исказ на градоначалникот Жерновски повикувајќи се на еден разговор во кој тогашниот премиер Никола Груевски му нарачува на тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески да организира протести пред општинската зграда и некој да му удри две три шлаканици на тукушто избраниот градоначалник.
Ова е втора посета на градоначалникот на Општина Центар на Специјалното јавно обвинителство. Претходно тој беше повикан да даде исказ за проектот „Скопје 2014“.