СЈО ЗА МИЈАЛКОВ ПОБАРАЛО ПРИТВОР ЗА ВЛИЈАНИЕ ВРЗ СВЕДОЦИ ВО „ИМПЕРИЈА“ ЗА ДА НЕ МОЖЕ ДА ПОНУДИ ГАРАНЦИЈА

    СЈО ЗА МИЈАЛКОВ ПОБАРАЛО ПРИТВОР ЗА ВЛИЈАНИЕ ВРЗ СВЕДОЦИ ВО „ИМПЕРИЈА“ ЗА ДА НЕ МОЖЕ ДА ПОНУДИ ГАРАНЦИЈАНа 20 ноември, на Мијалков му беше одреден 30-дневен притвор поради опасност од бегство во случајот „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување. - Мијалков со адвокатите на судењето за „Трезор“ на 29 ноември (Фото: К. Попов)

    Специјалната обвинителка Лиле Стефанова побарала притвор за осомничениот во случајот „Империја“ Сашо Мијалков поради опасност од влијание врз сведоци, а не од бегство, дознава неофицијално САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од странките и од судот.

    Причината зошто се побарал притвор поради опасност од влијание врз сведоците во истрагата била дека ако судијата на претходна постапка му одреди притвор по тој основ, Мијалков во жалбената постапка нема да може да понуди гаранција.

    За притвор по тој основ, Законот за кривична постапка не дозволува нудење гаранција за излегување.

    Мијалков бил донесен од затворот во Шутка во Основниот суд Скопје 1 по 15 часот денеска, откако било поднесено барањето за нов притвор од 30 дена. Првично, на 20 ноември, дента кога братучед му, избеганиот осуден експремиер Никола Груевски доби азил во Унгарија, нему му беше одреден 30-дневен притвор поради опасност од бегство во случајот „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување. Таа мерка може само уште еднаш да се продолжи, бидејќи е по обвинителниот предлог во овој случај (за примање награда за противзаконито влијание). А главните дела за кои Мијалков е обвинет во „Тврдина-Таргет“, за прислушувањето и за уништувањето на прислушната опрема на УБК, се злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувањата.

    Судот најави официјално соопштение кога ќе има одлука за предлогот на СЈО.

    За „Империја“ веќе се во притвор бизнисменот Орце Камчев, газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески и уште тројца други од вкупно 13-мина осомничени.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира