ЗА МИЈАЛКОВ ЌЕ СЕ БАРА ПРИТВОР И ЗА ИМПЕРИЈАТА НА КАМЧЕВ ЗАШТО ИМАЛ НАЈМНОГУ ПАРИ ЗА ВРАЌАЊЕ, ВЕЛАТ ИЗВОРИ ОД ИСТРАГАТА

    ЗА МИЈАЛКОВ ЌЕ СЕ БАРА ПРИТВОР И ЗА ИМПЕРИЈАТА НА КАМЧЕВ ЗАШТО ИМАЛ НАЈМНОГУ ПАРИ ЗА ВРАЌАЊЕ, ВЕЛАТ ИЗВОРИ ОД ИСТРАГАТАЕксдиректорот на УБК Сашо Мијалков од синоќа е во ќелија во затворот во Шутка за предметот на СЈО „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување. - Мијалков со кумашинот Орце Камчев, кој е во притвор од 10 ноември за предметот на СЈО „Империја“ (архивска фотографија/Ѓ. Личовски)

    Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање и бизнисмен Сашо Мијалков, за кого течат четири судски процеси по обвиненија на СЈО, од синоќа е во ќелија во затворот во Шутка на предлог на обвинителите кои го водат предметот „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување, но извесно е дека наскоро ќе биде побарано продолжение, односно мерка притвор за него како осомничен во „Империја“, тврдат извори од истрагата.

    Притвор за овој осомничен во „Империја“ најверојатно ќе се бара по истекот на сега определениот притвор , во наредните месец-два, поради опасност од бегство, но и поради фактот што поседувал сметки и имоти во странство, а членови на неговото семејство и удели во повеќе компании. Според првичните сознанија на истрагата, утврдено е дека Мијалков треба да врати на државата многу пари стекнати на криминален начин , велат за САКАМДАКАЖАМ.МК извори од истрагата.

    За „Империја“ во притвор се неговиот кумашин Орце Камчев, газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески и уште тројца блиски соработници на семејството Камчеви.

    Осомничените во „Империја“, според СЈО наводно испрале најмалку 10,5 милиони евра. Засега, истрагата на СЈО опфаќа 13 луѓе и мрежа на фирми, но специјалната обвинителка Катица Јанева најави дека истрагата се проширува.

    Осомничените во „Империја“ испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку офшор компании, покажаа првичните истраги на СЈО. Со тоа го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6,3 милиони евра. Но, ова се само почетните суми, истрагата се проширува и на други лица и фирми, а веројатно ќе има и други кривични дела, рекоа од СЈО.

    Веќе им е замрзнат имотот на осомничените во случајот „Империја“. Исто така привремено се забранети финансиски трансакции на фирмите кои се сомничат и судот им наложил на повеќе банки да го запрат одливот на пари од сметките на фирмите.

    Првиот човек на Орка холдинг Орце Камчев во средината на септември, најавувајќи дека ќе гласа „за“ на референдумот за договорот со Грција за влез во ЕУ и НАТО со промена на името во Северна Македонија откри дека со Мијалков веќе не се пријатели.

    Од СЈО соопштија дека судот определил привремена мерка одземање на дел од имотот заради обезбедување на правните лица ДПТУ Орка холдинг АД Скопје и ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и решенија за привремено да се запре одливот на парични средства од банкарските сметки на правните лица ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и ДПТУУ Тимох увоз извоз ДОО Скопје.

    Сашо Мијалков е обвинет во „Тврдина-Таргет“ за масовно нелегално прислушување на стотици граѓани, во „Тортура“ за нечовечко и понижувачко постапување при апсењето на Љубе Бошкоски, во „Тврдина 2“, кај што нарачува преку Мендух Тачи членот на ДИК од ДПА Бедредин Ибраими да биде клучниот глас да се прегласа чисто гласање во Струмица, на штета на СДСМ. Во сите овие случаи тој нема значителни суми за враќање, но има во случајот „Трезор“, за незаконска набавка на британска опрема за следење, каде буџетот е оштетен за над 800.000 евра.

    По година и пол одлагање, на 6 ноември почна судењето за масовното прислушување каде Мијалков е обвинет дека формирал злосторничко здружување со избеганиот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на Мијалков, како и со уште 6 вработени од УБК. Обвинети се и Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски, во делот на уништувањето на опремата со која се прислушувало, само за да бидат прикриени доказите, откако СЈО ја отвори оваа истрага во 2016 година.

    На минатото рочиште главниот сведок и свиркачот кој ги копирал, изнесувал од МВР и му ги давал на чување на Зоран Верушевски транскриптите од незаконско следените комуникации, Ѓорѓи Лазаревски, директно го посочи Мијалков, раскажувајќи во детали како се одвивал целиот процес.

    „Уставната забрана за прислушување во 2006 година се укина, за да се направи закон. Следењето на комуникации функционираше исклучиво со интерни одлуки на директорот на УБК Сашо Мијалков, во консултација со министерот за внатрешни работи. А информациите беа третирани како оперативни информации, кои оперативците ги добиле од терен. Луѓе на повик добиваа некој неформален документ од директорот и оперативците врз основа на тоа вклучуваа и исклучуваа броеви. Имаше и луѓе за транскрипти, т. н. репродуцери“, сведочеше Лазаревски.

    Следуваат сведочења како главните обвинети комуникациите ги следеле и од личните компјутери, од канцеларија.

    Неизвесно е дали денеска ќе има продолжение на „Тврдина-Таргет“, со оглед на тоа дека Мијалков синоќа е спроведен во притвор во Шутка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира