Пратеникот Скендер Реџепи – Зејд, денеска ја напушти матичната партија Алтернатива. Го известил претседателот на Собранието Талат Џафери дека продолжува како независен пратеник. Според пратенички извори, Реџепи останува да го поддржува како независен пратеник мнозинството на СДСМ, ДУИ, Алтернатива и ЛДП, без оглед што ја напуштил својата партија. Според нив, мнозинството останува да брои 64 пратеници.
Со 4 пратеници во преговорите во јануари за формирање нова влада, Алтернатива издејствува дури три министерски места: министер за здравство, потоа за информатичко општество и администрација и министер без ресор, за дијаспората. Партијата на Африм Гаши доби и значајни директорски места, меѓу кои и на затворот Идризово, на Управата за водење матични книги и други.
Реџепи не ги објави причините за напуштање на Алтернатива. Неофицијално, во прашање борба за лидерското место на кое е Гаши, кој се потпиша на листот на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица за формирање Влада, а потоа ја откачи опозицијата и ја прифати понудата на тазе избраниот лидер на СДСМ и тогашен мандатар за нова Влада Димитар Ковачевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА