СКОПСКАТА БОЛНИЦА „8 СЕПТЕМВРИ“ ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРА СО 12 МИЛИОНИ ЕВРА ОД „ТАВ“, ОД ПАРИТЕ СО КОИ ТРЕБАШЕ ДА СЕ ГРАДИ КАРГО АЕРОДРОМ ВО ШТИП

    СКОПСКАТА БОЛНИЦА „8 СЕПТЕМВРИ“ ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРА СО 12 МИЛИОНИ ЕВРА ОД „ТАВ“, ОД ПАРИТЕ СО КОИ ТРЕБАШЕ ДА СЕ ГРАДИ КАРГО АЕРОДРОМ ВО ШТИПЗдравствените власти најавија дека планираат „8 Септември“ во Скопје да стане регионален центар за лекување пациенти од Скопје, Куманово и Велес. (Фото: К. Попов)

    Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје ќе се реконструира за 12 милиони евра, со пари од турската компанија „ТАВ Македонија“, кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски. Премиерот рече дека со реконструкцијата, болницата ќе добие европски услови, седум операциони сали со светска апаратура, а истовремено ќе се реновира и реконструира и кровот бидејќи протекува.

    „Знаете сега некој оперира, а одозгора му тече ако врне дожд. Малце е непристојно. За жал, никој тоа не го видел десетина години, сега тоа го виодовме благодарение на заедничката активност на министерот за здравство Арбен Таравари, на министерот за транспорт и потпретседател на Владата Александар Николоски, луѓето од ТАВ , но и директорот д-р Синиша Стојаноски. Сѐ е админстративно поминато на Влада, договори се потпишани и оваа недела очекувам медиумите повеќе детали да дознаат. Ќе имаме навистина европски услови“, кажа Мицкоски по посетата на Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто.

    Во јуни 2021, парите кои турската компанија „ТАВ Македонија“ требаше да ги вложи во изградба на кагро аеродром во Штип, се пренаменија за инфраструктурни проекти на општините. Со 35 милиони евра ќе бидат поддржани над 90 инфраструктурни проекти. Тогаш, Извршниот директор и претседател на ТАВ Аеродроми, Сани Шенер, кажа дека за три години ќе бидат инвестирани 35 милиони евра за 99 општински проекти и 14,7 милиони евра за двата постојни аеродроми.

    Министерството за здравство на 21 февруари соопшти дека Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ ќе почне да се реновира и ќе функционира со намален капацитет.

    „Дел од пациентите ќе преземат Градската општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’, Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и Клиниката за неврохирургија, согласно изготвениот интерклинички план, во соработка со Министерството за здравство“, соопштија оттаму.

    Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски на 6 февруари кажа дека планираат „8 Септември“ во Скопје да стане регионален центар за лекување пациенти од Скопје, Куманово и Велес и дека во моментов, идејата за нов Клинички центар е малку паузирана за да видат кои се потребите на општеството.

    „Нам демографијата ни паѓа, со текот на годините имаме сѐ помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројките на осигуреници и на пациенти. Второ, дел од капацитетите не се искористени како што треба. Од сите постоечки капацитети во Македонија, најблиску до стандарди за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има ‘8 Септември’. Има 150 квадратни метри болнички кревети наспроти Стара Градска каде што се 30 и нешто квадрати. Поради тој капацитет и инфраструктурата околу Болницата, очекувано е дека таму ќе се инвестира за да се види колку може да се растовари Клиничкиот центар во однос на секундарно здравство. Морам да кажам дека во ‘8 Септември’ се изведуваат методи кои не се изведуваат на Клиника. Тука гледаме најмногу потенцијал, со најмало вложување да добиеме најдобар одговор. Освен Онкологијата, мислам дека ќе бидат најавени нови проекти, како на пример Нефрологија“, рече тогаш Клековски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира