СКОПСКИОТ ОБВИНИТЕЛ КОЈ НАПАДНА ЖЕНА ВО МВР Е РЕГИСТРИРАН ВО „ПОПЛАКИ“, НЕШТО ШТО Е ПОМАЛО ОД ПРЕКРШОК

    СКОПСКИОТ ОБВИНИТЕЛ КОЈ НАПАДНА ЖЕНА ВО МВР Е РЕГИСТРИРАН ВО „ПОПЛАКИ“, НЕШТО ШТО Е ПОМАЛО ОД ПРЕКРШОКОбвинителот од ОЈО Скопје, кое ги работи случаите на насилство врз жени, бил кум на детето (Фото:СДК.МК)

    За обвинителот од Скопското обвинителство Мартин М., не дојде кривична пријава од МВР откако на 10 март беше пријавен од тетка на 10-годишно дете дека првин вербално ја нападнал, а потоа ја турнал. За него нема ни прекршочна пријава, заведен е во тетратка во полициска станица, под категоријата „поплаки“ , за кои не следуваат пријави и санкции.

    Во Обвинителството појаснуваат дека поплаката е нешто помало дури и од прекршок. Велат дека нивниот колега е на боледување подолго време и оти никој не го видел и не успеал да го праша ни приватно за насилството за кое скопјанката го пријавила.

    Овој настан беше и во билтенот на МВР. Пријавителката била тетка на детето кое живеело со таткото, нејзин зет. Мајката била почината пред неколку години. Според полициската информација, дента тетката добила сознание дека внучето повторно било оставено само дома, без родителот. Веднаш пријавила во Центарот за социјални работи и заедно отишле во домот на зетот.

    „Според пријавителката, М.М. најпрвин започнал вербална расправија со неа, по што физички ја нападнал и ѝ се заканувал нејзе и на нејзиниот сопруг. Со лицата бил извршен разговор во полициска станица“, рекоа од МВР на 12.3.2021 година.

    Кога го побарала таткото на детето, тој пристигнал со двајца адвокати. Пристигнал и обвинителот од скопското обвинителство Мартин М., кум на детето. Додека родителот почнал да вика: „Ти ли ќе ми го земаш мене детево!..“, кумот вербално ја нападнал пред нејзиниот сопруг ѝ се заканил и ја турнал.

    Социјалните служби по настанот известија дека разговарале со детето, а полицијата составила записник за негрижа.

    Со заведување на инцидентот во поплака против обвинителот, не се очекува Советот на јавни обвинители да покрене дисциплинска постапка против него. За разрешување не станува ни збор. Советот на јавни обвинители досега нема разрешено ниту еден единствен обвинител.

    Расте бројот на кривични пријави за семејно насилство и насилство врз жени и особено Јавното обвинителство Скопје има голем број вакви предмети. Таквите предмети ќе продолжат да стигнуваат и кај обвинителот Мартин кога ќе се врати од боледувањето.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира