СКОПСКИТЕ АПЕЛАЦИОНИ СУДИИ НЕ ОДЛУЧУВААТ ЗА СЛУЧАИТЕ НА МИЈАЛКОВ СО 12 ПЛУС 8 ГОДИНИ ЗАТВОР, ЧЕКААТ ДА ИМ ГИ РЕШИ СУДОТ ВО СТРАЗБУР

    СКОПСКИТЕ АПЕЛАЦИОНИ СУДИИ НЕ ОДЛУЧУВААТ ЗА СЛУЧАИТЕ НА МИЈАЛКОВ СО 12 ПЛУС 8 ГОДИНИ ЗАТВОР, ЧЕКААТ ДА ИМ ГИ РЕШИ СУДОТ ВО СТРАЗБУРСудењето за предметот „Тврдина-Таргет“ почна есента 2018 година. (Фото: СДК.МК)

    Иако најавуваа дека предметот за масовното незаконско прислушување „Тврдина-Таргет“ во која Сашо Мијалков доби 12 години затвор и „Трезор“ за незаконски набавената британска опрема каде беше осуден на 8 години, петтемина апелациони судии ќе ги пресудат по жалба пред летните одмори, до денеска нема одлука за ниту еден од нив.

    Во меѓувреме се загреаја шпекулациите дека кај и да е, Европскиот суд за човекови слободи и права во Стразбур ќе донел одлуки по тужбите поднесени од амнестираните поранешни високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои е и Мијалков.

    Но, и тука во правосудните органи се загреаја гласините дека Апелациониот суд Скопје чека да види како ќе одлучи Европскиот суд за човекови права и слободи во врска со тужбите на Мијалков и на други обвинети, односно првостепено осудени во „Тврдина-Таргет“ и во „Трезор“ кои базираат на амнестијата на Иванов, па потоа ќе носи исти такви одлуки.

    Но, за разлика од други десетици најави за скорешна објава на пресуди, Европскиот суд нема апсолутно ништо најавено на својата веб-страна за предметите против Република Северна Македонија поднесени од амнестираните поранешни високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Од Европскиот суд ни одговорија дека нема фиксна временска рамка кога треба да бидат донесени пресуди за овие случаи.

    Соговорници од Основниот кривичен суд Скопје каде беа донесени првостепените пресуди за овие предмети, како и од обвинителството, сметаат дека ништо не треба да го спречува повисокиот суд да донесе правосилни пресуди, а најмалку да го чека Европскиот суд прв да одлучи.

    Во меѓувреме, од Апелациониот суд Скопје се кажуваат две-три исти образложенија за овие два предмета од висок јавен интерес, за кои со месеци нема одлука: судиите се затрупани со работа, користат стар одмор, па во петок ќе сретнат, се работи на предметите, користат нов одмор, се работи на предметите, наскоро ќе има одлука…

    Судењето за предметот „Тврдина-Таргет“ почна есента 2018 година. Во февруари 2021 година е донесена пресудата. Дури во март 2022 година се одржа јавна седница во Апелациониот суд по поднесените жалби од обвинетите, односно првостепено осудените во овој базичен предмет на Специјалното јавно обвинителство.

    Судењето пак за „Трезор“, стартуваше во февруари 2018 година. Во април 2021 година е изречена првостепената пресуда, а по жалба на јавна седница во Апелација се расправаше во април 2022 година.

    Според последните истражувања, довербата во судството е на најниско ниво досега, само на 8 проценти од населението. Тука се бројат и тие само 2 отсто со потполна доверба.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира