СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ Е СЕГА НАЈМНОГУ ПОТРЕБНА, ВЕЛИ БРИТАНСКАТА АМБАСАДОРКА РЕЈЧЕЛ ГАЛОВЕЈ

    СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ Е СЕГА НАЈМНОГУ ПОТРЕБНА, ВЕЛИ БРИТАНСКАТА АМБАСАДОРКА РЕЈЧЕЛ ГАЛОВЕЈДодека во државата трае вонредната состојба, транспарентноста и пристапот до јавните информации се од огромно значење, вели битанската амбасадорка во колумната по повод 3 Мај - Светскиот ден на слобода на медиумите. - Рејчел Галовеј на археолошкиот локалитет Хераклеја - (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во услови на кризата со коронавирусот, сега повеќе од кога и да било, е потребно професионално, етичко и точно известување, како и саморегулација на медиумите, вели британската амбасадорка Рејчел Галовеј во колумната по повод 3 Мај – Светскиот ден на слобода на медиумите. Таа смета дека додека во државата трае вонредната состојба, транспарентноста и пристапот до јавните информации се од огромно значење и важно е Владата да ја поддржи работата на независните медиуми и да овозможи фер и еднаков пристап до информации во врска со здравствената криза.

    „Ситуацијата во којашто моментално се наоѓаме сите не може да се спореди со ништо со што се имаме соочено досега. Коронавирусот направи огромна штета во светот, наметнувајќи се како главна закана за јавното здравје на глобално ниво. Општеството се соочува со голем предизвик. За жал, многу животи се веќе изгубени, а ние не само што сме загрижени за нашето здравје, туку и за здравјето и благосостојбата на нашите најблиски.

    Владите ширум светот мораа да одговорат на оваа закана со спроведување на специјални мерки за заштита на здравјето и безбедноста на своите граѓани. Иако можеби ненамерно, но ова значи дека демократијата и владеењето на правото, вклучително и медиумската слобода и слободата на изразување може да бидат загрозени.

    Слободата на медиумите и безбедноста на новинарите останува приоритет на Обединетото Кралство. Спроведуваме и кампања за слобода на медиумите. Минатата недела имав одлични виртуелни состаноци со локални медиумски организации во Северна Македонија. Одржавме и виртуелна средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој и самиот учествуваше на Конференцијата за слобода на медиумите во Лондон минатата година, чии домаќини беа Обединетото Кралство и Канада. На 3 мај го одбележуваме Светскиот ден на слобода на медиумите и се потсетуваме на нашата заложба за слободен, независен медиумски простор, како и на важноста на безбедното известување на новинарите ширум светот.

    Новинарите и медиумските работници се оние кои известуваат од првите редови за здравствената криза. Целосно затворање во нивните домови за нив не е опција поради природата на нивната работа, а тоа е да нѐ информираат нас. Сега повеќе од кога и да било, потребно е професионално, етичко и точно известување, како и саморегулација на медиумите што е важен механизам за промовирање на овие вредности. Нешто што е особено важно кога гласините, лажните вести и дезинформациите можат да предизвикаат огромна штета и непотребен стрес во овие веќе тешки времиња. Јавноста се потпира на независните медиуми за да добие информации за мерките кои ги спроведуваат владите за спречување на ширење на вирусот. Останува отворената и искрената дебата, да ги прашуваме нашите лидери за нивните постапки и размислувања. Само тогаш ќе можеме да ги разбереме и да им веруваме во врска со мерките кои ги спроведуваат.

    Додека во државата трае вонредната состојба, транспарентноста и пристапот до јавните информации се од огромно значење. Важна е и поддршката на Владата на работата на независните медиуми овозможувајќи им фер и еднаков пристап до информации кои се поврзани со здравствената криза. Државните институции имаат клучна улога во поддршката за слободна размена на информации. Слободата на движење на новинарите не треба да биде ограничена. На нив им е потребен безбеден и адекватен пристап до одговорните лица, здравствените работници и други јавни институции. Новинарите и медиумските работници кои известуваат од првите редови мораат да имаат пристап до соодветна медицинска заштита и нега.

    Среде драматичните случувања од сегашната пандемија, Европскиот Совет во март објави дека Европската Унија ќе ги започне преговорите со Северна Македонија, што е важен чекор за евроатлантските интеграции на земјата, како и признание за напредокот, преку спроведување на важни реформи во земјата, во изминатите неколку години. Гледајќи напред, преговорите со Европската Унија и реформите кои ќе биде потребно да се спроведат ќе бидат од огромно значење и ќе влијаат на целото општество, а не само на медиумите во земјата. Северна Македонија продолжува да се заложува и останува посветена на подобрување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, нешто што беше и забележано во последниот Индекс за слобода на медиумите на Репортери без граници (Reporters without Borders Press Freedom Index).

    Слободата на медиумите е сега најмногу потребна. Не само заради придонес кон доброто владеење, но и за да продолжи заложбата за спроведување на потребните реформи. Северна Македонија треба да биде подготвена за отпочнување на преговорите, а напредокот во спроведувањето на медиумските реформи може да придонесе кон позитивна слика за успешно лидерство и да ги поттикне заложбите за напредок на земјата.

    Иако сега сме целосно посветени на справување со пандемијата на коронавирус, сепак не треба да ги заборавиме и овие прашања кои се од огромна важност за напредокот на земјата“, вели амбасадорката Галовеј.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира