Судија – известител за предметот против Специјалното јавно обвинителство, што пола година не се стави на седница на Уставниот суд, е уставниот судија Јован Јосифовски, татко на шефот на кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, Борис Јосифовски, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во судот.
Јосиф Јосифовски од 2006 до 2012 година беше член и претседател на Државната изборна комисија од редот на ВМРО-ДПМНЕ. Истрагата на СЈО е за прислушувани разговори во периодот од 2008-2015, меѓу кои и за изборни измами, на која тема е и првиот случај „Титаник“.
Мнозинство во Собранието, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, кон крајот на декември 2012 година го избра Јован Јосифовски за уставен судија, на предлог на Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ како претседател на Комисијата за избори и именувања.
В понеделник ќе има последна седница на Уставниот суд со Елена Гошева како претседател, а во точките за расправа ја нема иницијативата против СЈО. Уставните судии нагаѓаат дека штом досега оваа точка не се најде на расправа, нема да биде ставена ни до избори.
Од вторник на тригодишен мандат веќе стапува новиот претседател на Уставниот суд Никола Ивановски. Тој ќе закаже седница дури на деветти ноември, велат судиите, но останува, сепак, можноста на дневен ред да се стави уставноста на СЈО, иако, ако се укине, нема Собрание да ги стокми и донесе законските измени за кои би нашол забелешка Уставниот суд. Во таков случај, СЈО и неговите истраги и судски процеси би биле замрзнати, сѐ до конституирањето нов Парламент по Нова година.
Еднаш веќе активностите на Специјалното обвинителство беа замрзнати три месеци, откако на 12 април Иванов ги амнестира сите функционери од власта осомничени за тежок криминал, и сведоци како Коста Крпач, но и претпоставени нивни соработници. Уследија масовни протести низ целата држава, реакции од меѓународната заедниц, по што Иванов делумно ја повлече амнестијата на 27 мај, а целосно на 6 јуни годинава. До тогаш, истрагите на СЈО беа замрзнати.
Илија Димовски, на чиј предлог Јосифовски стана уставен судија, кога специјалната обвинителка Катица Јанева го бранеше шестмесечниот извештај, беше нејзиниот најжесток критичар од сите останати членови на Комисијата за политички систем од ВМРО-ДПМНЕ. Тој држеше истовремено и предолги говори во кои повторуваше едни исти работи, со цел да се потроши времето и да не дојде на ред извештајот на обвинителството на Марко Зврлевски, и заедно со другите колеги од комисијата успеа во тоа.
А кога Јанева одлучи повеќе да не доаѓа, да ги слуша истите прашања и навреди по стопати и да трпи, како што кажа, врз неа да се врши мобинг, Димовски изведе претстава од собраниската говорница, на седницата за пратенички прашања на 29 септември.
„Оваа седница за пратенички прашања ја нарекувам седница за мобинг. Ги повикувам министрите да не одговараат на прашањата на пратениците, зашто тоа ќе значи вршење мобинг врз нив. Забранувам прашања и кон мене, зашто тоа ќе го сфатам како мобинг. Овој стандард во Собранието го воспостави специјален човек, кој е на чело на една специјална институција и кој одби да одговара во Собранието на прашањата на пратениците. Барам еден час пауза, за да ги утврдиме правилата на игра“, рече Димовски на почетокот, по што претседателот на Собранието даде пауза од еден час. Пратениците од власта му аплаудираа на Димовски.