Случајот на двете жени во скопски Аеродром, во чиј стан вчеравечер специјалните единици на Армијата пронајдоа купишта пелени со измет и урина откако станарите на зградата шест часа беа евакуирани од зградата поради острата миризба, досега не бил пријавен во Центарот за социјални работи затоа што жените се материјално обезбедени.
Град Скопје ќе го исчисти станот од ѓубре и ќе им понуди привремено сместување на двете жени од станот во зградата на булевар Кузман Јосифовски Питу број 15 во трговскиот центар „Скопјанка“. Од Градот велат дека екипи на Комунална хигиена синоќа ги отстраниле пелените и изметот, но дека за денес попладне е закажана комплетна дезинфекција и на станот и на влезот во зградата и дека подоцна ќе дадат подетални информации за наредните активности.
„Град Скопје утрово нѐ информира дека понудиле да го исчистат сметот и да им најде привремено живеалиште на двете жени додека се санира состојбата. Досега случајот не е пријавен во Центарот за социјални работи. Станува збор за 64-годишна жена, која е материјално обезбедена, односно има пензија. Разговарано е и со нејзината ќерка, која треба да се грижи за неа. Бидејќи не станува збор за социјално загрозен случај ние не можеме ништо да преземеме. Разговаравме со ќерката и ѝ укажавме дека треба да се грижи за својата мајка. Првично велеше дека повремено доаѓа кај мајка ѝ, а потоа дека живее кај неа“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
По информациите од станарите, кои вчера кажаа дека во станот број 11 на втори кат живеат 90-годишна жена и нејзината 64-годишна ќерка, од Министерството за труд и социјална политика велат дека по исказот од 64-годишната жена и нејзината ќерка, 90-годишната жена која ја спомнуваат соседите починала во јануари годинава.
„Во случајот можеме да ѝ укажеме на ќерката дека треба да се грижи за 64-годишната жена. Дали имаат некој здравствен проблем не е утврдено, бидејќи не покажале никаков лекарски документ. Ноќеска беше таква состојбата, луѓето беа вознемирени. Денес наш тим е повторно на терен, и попладне ќе излеземе со конкретни мерки и ќе ја следиме состојбата“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Станарите од зградата полицијата ги евакуираше околу 19 часот, откако пријавиле дека има остар мирис и дека ги печат очите и оти се сомневаат дека е фрлен солзавец. По речиси шест часа откако зградата беше евакуирана, дојде Специјалната едница на Армијата за атомска, биолошка и хемиска одбрана (АБХО) и со нивната соодветна опрема и со маски влегоа во зградата и ја утврдија причината за миризбата.
Откако претходно пожарникарите и инспекторите им кажаа на станарите дека се сомневаат оти миризбата доаѓа од еден од становите на вториот кат, тие влегоа во станот и за десетина минути излегоа. Потоа градоначалникот Петре Шилегов кажа дека причината била нехигиена, односно оставени купишта употребени пелени.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека вчера во 18.50 часот било пријавено дека во влезот брoj 1 на булевар Кузман Јосифовски Питу се чувствува непријатна миризба и граѓаните се жалат на печење во очите и дека претпоставуваат дека најверојатно е фрлен солзавец. Според полицискиот билтен, екипи на МВР на терен констатирале силна непријатна миризба, а Противпожарната бригада на Град Скопје ги отворила сите врати од помошните простории.
„По ова миризбата се изгубила, освен на вториот кат во стан сопственост на С. С. (64), каде истата живее со нејзината ќерка и двајца внуци. Од страна на екипа на АРМ со апаратура е констатирано дека се работи за амонијак од употребени пелени. Станот е исчистен од страна на екипа на Комунална хигиена. На местото на настанот излегле и служби од Центар за јавно здравје во Скопје, Дирекција за заштита и спасување и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на град Скопје“, велат од МВР.
Е. БОЧВАРОСКА