СЛУЖБАТА ЗА ИТНА ПОМОШ ОД ВЕЛЕС ВО ЈУЛИ ИНТЕРВЕНИРАЛА 2.600 ПАТИ

    СЛУЖБАТА ЗА ИТНА ПОМОШ ОД ВЕЛЕС ВО ЈУЛИ ИНТЕРВЕНИРАЛА 2.600 ПАТИПовеќето пациенти имаат зголемена температура, со гастроинтестинални тегоби се, со пролив, повраќање. Останатиот дел се хронично болни, вели началничката Пановска. (Фото: СДК.МК)

    Исклучително високи се бројките на интервенции на екипите на Итната помош и на домашни посети во Велес за јули, вкупно 2.600, споредбено со претходните години и месеци. Во истиот период лани, имало 653 домашни посети, што е за 4 пати помалку.

    Овој месец во амбулантата докторите имале 1.964 прегледи.

    „Во јули имаме зголемен број на интервенции и во амбуланта и на терен. Се бележи зголемување на број на пациенти кои доаѓаат во амбуланта да бараат лекарска помош. Повеќето пациенти имаат зголемена температура, со гастроинтестинални тегоби се, со пролив, повраќање. Останатиот дел се хронично болни. Пациентите се од сите возрасни групи, но најголем дел се од највозрасната популација“, вели д-р Василка Пановска, началничка на Итната помош при Здравствениот дом Велес.

    Во летните месеци се зголемуваат и бројот на интервенции за сообраќајни несреќи. Минатиот месец имаше две со по еден смртен случај. Службата за итна помош од Велес го покрива делот од автопатот на делницата Катланово – Градско. Овој период вообичаено и во градот има зголемен број на сообраќајни незгоди, каде се повредени млади мотористи.

    Службата за Итна помош освен пациенти од Велес и Велешко, излегува на терен и во соседните општини Градско и Чашка. Така, се случува кога има потреба, да патуваат и по еден час, ако се јави пациент за домашна посета од селата во регионот на Азот, од Нежилово, Ореше, Папрадиште.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира