СНИМАНИ СЕ ТЕЛЕФОНИТЕ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОД 30 СЕПТЕМВРИ 2016 ДО ДЕНЕС, КАЖА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЈОВЕСКИ

    СНИМАНИ СЕ ТЕЛЕФОНИТЕ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОД 30 СЕПТЕМВРИ 2016 ДО ДЕНЕС, КАЖА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЈОВЕСКИ„Отворена е предистражна постапка за да се утврди кој снимал, дали се изнесувани сниманите разговори, дали се злоупотребувани и за кои цели. Се проверува и дали и централата на Обвинителството за организиран криминал, која физички е сместена во зградата на Апелациониот суд Скопје е исто така снимана. Оваа истрага ја води Основното јавно обвинителство на Скопје“, рече Јавниот обвинител Љубомир Јовески (Фото: СДК.МК)

    Две години била сниман фиксаната телефонија во Јавното обвинителство на Република Македонија, односно од 30 септември 2016 до денеска, до последниот разговор што се водел меѓу обвинителите и на локал и со и надворешни лица кои тие ги повикувале или обратно. Државниот обвинител Љубомир Јовески на денешниот брифинг обелодени дека Јавното обвинителство е цели две години снимано, а дека постојат 2 хард-диска во просториите кајшто е сместена телефонската централа кои се со снимени телефонски комуникации.

    Хард-дисковите се дел од телефонската централа набавена во 2013 кога беше пуштена во употреба новата зграда на Обвинителството покрај кејот на Вардар во Скопје. Хард-дисковите и снимањето на разговорите го откриле лица вработени во Обвинителството.

    „Отворена е предистражна постапка за да се утврди кој снимал, дали се изнесувани сниманите разговори, дали се злоупотребувани и за кои цели. Се проверува и дали и централата на Обвинителството за организиран криминал, која физички е сместена во зградата на Апелациониот суд Скопје е исто така снимана. Оваа истрага ја води Основното јавно обвинителство на Скопје“, рече Јовески.

    Според датумот шт го кажа Јовески, снимањето на разговорите почнало во мандатот на Пржинската влада на чело со Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ која беше избрана на 2 септември 2016 за да ги подготви изборите на 11 декември 2016, во која Оливер Спасовски и Фросина Ременски  од СДСМ станаа технички министри во Министерствата за внатрешни работи и за труд и социјала, а продолжило и по стапувањето на владата на коалицијата СДСМ-ДУИ на чело со премиерот Зоран Заев беше изгласана на 31 мај 2017.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира