Снимките кои беа објавени вечерва нелегално се направени од УБК во 2011 година, во времето на Сашо Мијалков, напиша на својот фејсбук профил Антонијо Милошоски за разговорите објавени на каналот Јутјуб со неправосилно разрешениот претседател на Врховен суд Јово Вангеловски и со уште еден врховен судија и едно женско лице.
На петте снимки се слуша како Милошоски ургира кај тогашниот претседател на Врховен суд Вангеловски, во врска со предмет на Здружение на возачи Кичево, во кој е вмешан неговиот татко.
Милошоски не ја негира автентичноста на разговорите. Тој вели дека тоа се 5 од 6 снимки. Наведува дека знае оти лицето З.З. поседува копии од бомбите и тој ја нарачал нивната објава, иако тврдел дека ги предал сите снимки на Специјалното јавно обвинителство.
„Господине З.З. со објавата на овие снимки докажавте дека без истите не сте можеле да уценувате пратеници, да рекетирате стопанственици, да заплашувате сопственици на медиуми, и да бидете и обвинител, и премиер, и судија истовремено. Изгледа силно ве здоболе објавата на двата материјали за вашите незаконитости, кои ми беа доставени од укажувач“, напиша Милошоски.
Милошоски како пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во последните собраниски седници пред распуштањето на Собранието пушташе снимени разгови од Зоран Заев додека ја вршеше премиерската функција, за кои кажа дека му ги дале укажувачи.
Тој вели дека укажувачите ќе станат се побројни и посмели и најави: „Ќе ве отворам како пупка“.
На 25 февруари на протестен митинг на ВМРО-ДПМНЕ пред судскиот комплекс во Скопје, лидерот на партијата Христијан Мицкоски побара итна ревизија на сите одлуки на Врховниот суд и таму каде што ќе бидат утврдени неправилности, врховните судии да си поднесат оставки.
А. АНТЕВСКА