Додаток на плата до максимум 30% од редовната плата ќе добијат од вработените од централните институции на извршната власт. Додаток на плата можат да добијат најмногу 30% од вкупниот број вработени во институцијата, при што исплатата нема да биде за оние кои имаат право на додаток на плата со посебен закон или колективен договор, соопшти Владата. Исто така, големината на додатокот ќе зависи од расположивот буџет на институцијата.
Исплатата на додатокот на плата ќе се изврши по завршувањето на локалните избори, кога и ќе се финализира кој ќе го добие.
Согласно Уредбата што Владата ја донесе на седницата на 5 август, правото на додаток на плата до 30% од редовната плата можат да го остварат вработените поради специфичност на работите и работните задачи и зголемен обем на работа, како и постигнување на исклучителни резултати во служењето на јавниот интерес и ефикасното извршување на своите надлежности. Измените и дополнувањето на Законот за извршување на Буџетот за 2021, донесен на 28 јули, стапија на сила на 5 август и затоа тогаш се донесе Уредбата, велат од Владата и додаваат дека според Законот, додатокот на плата ќе се исплаќа ако во Буџетот има обезбедено средства за оваа намена.
Владата вели дека „високо ги цени работничките права и се води од тоа дека треба да има принцип на награди, доколку работникот извршил зголемен број на работни задачи по обем и квалитет. Исто како што има и принцип на казни доколку не се извршени работните задачи“.