СО ЕДНО ЗАСТАНУВАЊЕ ЌЕ СЕ МИНУВА ГРАНИЦАТА МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА, ДОГОВОРИЈА ПРЕМИЕРИТЕ ЗАЕВ И РАМА

    СО ЕДНО ЗАСТАНУВАЊЕ ЌЕ СЕ МИНУВА ГРАНИЦАТА МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА, ДОГОВОРИЈА ПРЕМИЕРИТЕ ЗАЕВ И РАМАЗаев и Рама го потпишаа договорот за заеднички граничен премин на Самитот на земјите од Западен Балкан чиј домаќин Албанија.(Фото: Влада)

    Заеднички гранични и цaрински контроли ќе има на граничните премини меѓу Македoнија и Албанија. Ова вчера го договорија премиерите Зоран Заев и Еди Рама кои учествуваа на Самитот на земјите од Западен Балкан чиј домаќин беше Албанија.

    Воспоставување заеднички гранични и царински контроли ќе придонесе за зголемување на пропусната моќ на преминот за стокови пратки, за намалување на времето потребно за вршење на гранични формалности и значително ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за контрола, соопшти Владата.

    Премиерот Заев вели дека договорот е уште еден чекор во градењето на одличните односи помеѓу Северна Македонија и Албанија кои како добри пријатели и соседи го имаат како приоритет олеснувањето на меѓуграничниот проток во интерес на граѓаните и на деловните заедници на двете земји.

    „Со потпишувањето на денешниот договор завршуваме еден сериозен процес на којшто работеа нашите Влади за да го отвориме „one stop shop“ терминалот каде што нашите граѓани ќе го преполоват своето чекање во делот на поминувањето на нашите граници, но пред сѐ и над сѐ, ќе се создадат услови за остварување на четирите европски слободи за слободен проток на стока, луѓе, капитал и услуги“, рече премиерот Заев по потпишувањето на договорот.

    Земјава во август 2019 воспостави заеднички граничен премин со Србија на Табановце. Но, тој функционира само за излез од земјава. За влез во Македонија патниците застануваат два пати и им се вршат проверки и на граничниот премин Прешево, и на македонска страна на Табановце.

    Од Министерството за внатрешни работи велат дека проектот сè уште функционира, но поради коронавирусот направени се одредени измени.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира