СО КРАТЕЊЕ НА КАЗНИТЕ ЗА 30 ОТСТО ЌЕ СЕ РЕТЧАТ ЗАТВОРИТЕ ОД ОСУДЕНИЦИ КОИ НЕ СЕ УБИЈЦИ, ПЕДОФИЛИ, СИЛУВАЧИ, НАСИЛНИЦИ ИЛИ ТЕРОРИСТИ – МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА СПРЕМА НОВ ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА

    СО КРАТЕЊЕ НА КАЗНИТЕ ЗА 30 ОТСТО ЌЕ СЕ РЕТЧАТ ЗАТВОРИТЕ ОД ОСУДЕНИЦИ КОИ НЕ СЕ УБИЈЦИ, ПЕДОФИЛИ, СИЛУВАЧИ, НАСИЛНИЦИ ИЛИ ТЕРОРИСТИ – МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА СПРЕМА НОВ ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈАУбедливо најнехумани услови има во затворот „Идризово“, од каде Народниот правобранител неодамна пред јавноста презентираше албум со фотографии одвнатре. (Фото: Омбудсман)

    Трендот на амнестирање криминал по сè изгледа дека ќе продолжи со нов закон за амнестија, сличен на оној кој го предложи владата на Зоран Заев, а го изгласа Собранието во 2018 година, за растеретување на пренатрупаноста на затворите.

    Убијци, силувачи, педофили, терористи и сторители на изборен криминал и на други тешки кривични дела тогаш не беа амнестирани, а според нацрт-текстот што се подготвува во Министерството за правда, и овојпат ќе биде исто.

    „Предлогот на законот за амнестија е итно потребен, дури е и со задоцнување. Држава која затворениците не ги третира како човечки суштества не може да се нарекува држава“, објави на фејсбук министерот за правда Кренар Лога.

    Тој демантираше дека амнестијата ќе ги опфати осудените за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, кога речиси до смрт беше претепан и повреден поранешниот лидер на Алијанса за Албанците Зијадин Села, од која партија е и ниинистерот Лога.

    Лога вчера за ТВ 24 кажа дека ако некој предложи да бидат амнестирани и осудените за 27 април, Алијанса таквиот предлог ќе го блокира со милион амандмани.

    Казните и овојпат ќе бидат намалени за 30 отсто на оние осуденици кои исполнуваат услови, па оттаму, ќе има голем број кои веднаш ќе си одат дома по стапување на законот за амнестија во сила. Некои што се осудени до 6 месеци за поситни кривични дела, нема ни да влезат во затвор.

    И овојпат, ако осуденик добил единствена казна за неколку кривични дела, амнестија ќе добие само за оние кои не се тешки кривични дела кои нема да може да подлежат на скратување.

    На 17 март Собранието со 58 гласа „против“, и 40 „за“, не го изгласаа предлог-законот за амнестија на осудените за 27 април.

    На 6 септември, минатата недела, Собранието изгласа тивка амнестија на обвинетите од случаите на СЈО на чело со Никола Груевски и Сашо Мијалков, но и на Игор Јанушев, Антонијо Милошоски, како и на Рамиз Мерко од ДУИ – сите за корупција, за кршење на уставнозагарантираните човекови права и за милионски оштетувања на буџетот на Македонија, на општина Струга и други институции.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира