СО ЛИФТОТ ЗА ХРАНА ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ СЕ НОСАТ И БОЛНИ И ПОЧИНАТИ, ВИКЕНДОВ ОТКАЖАА И ДВАТА КОМПЈУТЕРСКИ ТОМОГРАФИ

    СО ЛИФТОТ ЗА ХРАНА ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ СЕ НОСАТ И БОЛНИ И ПОЧИНАТИ, ВИКЕНДОВ ОТКАЖАА И ДВАТА КОМПЈУТЕРСКИ ТОМОГРАФИ„Сè треба да се поправи, пари требаат. Со короната направивме многу трошоци“, вели директорот на болницата Христијан Костов. (Фото: СДК.МК)

    Во најголемата општа болница во Македонија, скопската „8 Септември“ минатата недела работел само сервисниот лифт со кој се носи храна за пациентите, па освен храна, се користел и за болни и починати, како и за медицински отпад. Во моментов се оспособени уште два лифта, но како што вели директорот на болницата Христијан Костов, кај и да е, и тие ќе се расипат. Лифтот за храна останал исправен затоа што најмалку се користи, бидејќи вообичаено е заклучен и работи со режим, по потреба, и не е наменет за пациенти и персонал.

    Болницата има 8 спрата.

    Во петокот, тукушто стентирана пациентка чекала во кревет, среде ходник, половина час да ја качат на одделение. Чекањето било да дојде домарот да го отклучи лифтот за храна, а пациентката во очај се јавила на синот, кој се јавуваше по медиуми.

    Пред една недела, болницата ангажирала фирма за инспекција и одржување на лифтови, која, според директорот Костов, утврдила дека лифтовите веќе не може да се поправаат, туку мора да се набават нови. Костов вели дека тендерот за набавка е завршен, деловите се на пат и до крај на јули ќе почнат, еден по еден, да се монтираат новите лифтови.

    Повеќето лифтови се произведени во седумдесеттите години на минатиот век, кога била градена поранешната Воена болница.

    Според податоците од Бирото за јавни набавки, болницата во февруари распишала оглас за набавка на три нови лифтови и репарација на уште 2, а постапката завршила во април. Цената е 19.843.200 денари, или околу 300.000 евра без ДДВ. Според директорот Костов таа набавка покрива монтажа на комплетно нови 3 лифтови и реновирање на уште 2 со одржување, со што целосно функционални ќе бидат 5 лифта. Според договорот за јавната набавка, новите лифтови треба да бидат пуштени во употреба во рок од шест месеци, некаде кон крајот на октомври.

    За проблемот со лифтовите, Костов вели дека станува збор за наследен проблем од претходното раководство во болницата и претходната гарнитура во Министерството за здравство.

    „Не сум јас крив за лифтовите. Пред шест години биле набавени пакистански лифтови за кои не може да најдат резервни делови за нивно одржување. Се покажа тие лифтови не одговараат на ваква фреквентна болница“, се пожали Костов.

    Покрај проблемот со нефункционалните лифтови, во болницата викендов се расипаа и компјутерските томографи, а од ноември минатата година пациентите не добиваат филмови и цедиња од снимките од рентген.

    Компјутерските томографи, според објаснувањето на Костов, прегреале поради горештините, во комбинација со зголемен обем на работа.

    Раководителката на радиолошкото одделение во болницата, д-р Билјана Пргова кажа дека во петокот поради континуирано оптоварување на компјутерските томографи, дневно и по над 50 пациенти, прегреале двата апарата, но дека веднаш бил викнат сервис.

    „Се работи за ситни дефекти, можеби во моментов веќе компјутерските томографи се поправени“, ни изјави д-р Пргова, по нејзиното дежурство.

    Во врска со рентгенот, таа кажа дека веќе е набавен режач, но ласерската камера е расипана и затоа не се даваат снимки.

    „За нова ласерска камера најверојатно ќе се распишува тендер, затоа што е многу скапа“, вели д-р Пргова.

    Директорот Костов очекува наскоро да се расипе и ангиографот. Тој вели дека станува збор за апарат стар десет години кој е сѐ уште исправен, но се користи 24 часа, практично од сабајле до другото сабајле, и поради тоа е пред откажување.

    „Сè треба да се поправи, пари требаат. Со короната направивме многу трошоци“, вели Костов.

    Болницата од март минатата година функционираше како главен ковид-центар во државата, со над 3.000 хоспитализации и над 20 илјади прегледи досега.

    М. ИЛИОСКИ


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира