Цивилните лица кои работат во Армијата од март наредната година ќе добиваат повисока плата. Ова се предвидува со измените на Законот за служба во Армијата кој е влезен во собраниска процедура и со кој се платите на цивилните ќе се зголемат од 9 до 12 отсто. Министерката Радмила Шекеринска вели дека направените измени имаат една цел да покажат дека Македонија го заслужува своето место во НАТО и дека државата ги цели сите оние кои направија членството во НАТО да биде достижна цел.
„Оваа законска рамка која се однесува на сите припадници на нашата армија ќе подразбира одржливо, функционално и позитивно решение кое ќе значи не само сигурна работа туку и работа која ќе ја покажува почитта на државата кон сите припадници на Армијата“, рече министерката Шекеринска.
Со измените се предвидува месечен надоместок на станбено обезбедување од 7.000 денари, со кое ќе бидат опфатени околу 6.000 припадници на Армијата. Се воведува можност за пензионирање со 55 години возраст и 40 години работен стаж во кој влегува и бенифицираниот стаж. Притоа пензијата ќе биде 8- отсто од 10 најдобри години на кандидатот.
„Со измените ќе се овозможи многу попрофесионално и попредвидливо водење во кариерата. Долго време се имале впечаток дека напредувањето премногу зависеле од лични релации или од политиката. Затоа во законот предвидуваме процесот на водење на кариера да зависи од лични квалитети, од трудот и од знаењето. За прв пат предвидуваме Армијата да може да стипендира млади луѓе со цел да ги создаде дефицитарните кадри како лекари или инженери. Со тоа по завршување на студиите, Армијата ќе може да смета на нивното и ќе може да гради кадар без кој не може да функционира една модерна НАТО армија“, рече Шекеринска.
А. АНТЕВСКА