СО ПОМОШ НА СЗО ВО СКОПЈЕ ОТВОРЕН НОВ ЦЕНТАР ЗА ДЕЈСТВУВАЊЕ ВО ЗДРАВСТВЕНИ ВОНРЕДНИ СИТУАЦИИ

    СО ПОМОШ НА СЗО ВО СКОПЈЕ ОТВОРЕН НОВ ЦЕНТАР ЗА ДЕЈСТВУВАЊЕ ВО ЗДРАВСТВЕНИ ВОНРЕДНИ СИТУАЦИИД-р Џихан Тавилах, претставничка на СЗО во земјава со министерот за здравство Венко Филипче на денешната промоција на Центарот. (Фото: Министерство за здравство)

    Во Скопје денес се отвори нов Центар за дејствување во услови на епидемии и други јавно-здравствени вонредни ситуации, кој ќе обезбедува централизирани информации во реално време, следење на состојбите, известување и совети за тоа како да се постапува во случаи на настани и вонредни состојби поврзани со јавното здравје.

    „Обединувајќи ја на едно место епидемиолошката стручност од Институтот за јавно здравје, Центарот ќе нуди дигитални решенија за еден систем на рано предупредување со цел навремено известување и детектирање на настани поврзани со јавното здравје. Исто така, Центарот ќе ги подобри надзорот и координацијата меѓу епидемиолозите, лабораторискиот кадар и експертите за јавно здравје од десетте Центри за јавно здравје и 21 подрачна единица во Северна Македонија“, велат од Министерството за здравство.

    Д-р Ханс Клуге, регионален директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, на денешната промоција на Центарот, преку видеоврска изјави дека овој нов центар е пионерски пример за тоа како СЗО може, во партнерство со националните надлежни органи, да ја зацврстува здравствената сигурност и да собира што повеќе информации релевантни за јавното здравје.

    СЗО помага околу операционализацијата на Центарот, така што обезбедува технички насоки и еден експерт за јавно здравје кој ќе биде составен дел од националниот тим. Организацијата УСАИД  обезбеди неповратна помош за оваа намена.

    „За време на епидемии, Центарот ќе работи нон-стоп, т. е. 24/7, 365 дена годишно, така што ќе дава поддршка при носење одлуки, тековно работење, поврзување, информирање на населението за ризиците, (пре)распоредување на персонал, колкав број вработени се потребни, логистика и планирање”, рече  министерот за здравство Венко Филипче.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира