Специјалната единица за бојадисување на Шарената револуција вечерва со пиштоли со боја ги ишара столбовите пред Влада. Демонстрантите сега се упатија кон Собранието.
„Став наместо страв“ е мотото на денешниот протест на Шарената револуција. Во импровизиран затвор зад решетки ставени се кукли со ликовите на аболицираните Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков, Миле Јанакиески, а целата инсталација оди на чело на колоната.
Граѓанската иницијатива Протестирам денеска на својата страница на Фејсбук порача дека власта нема да ги заплаши со повиците за информативни разговори и ги повика граѓаните масовно да излезат на улиците.
„Од оваа борба нема откажување! Нема да не заплашат заканите и притисоците! Нема да не заплашат повици за информативни разговори! Дознавме дека за утре е повикана Уранија Пировска.#Протестирам е прво лице еднина, но сите ќе бидеме солидарни се додека луѓе се под притисок на режимот. #Протестирам затоа значи и грижа за другите“, велат од движењето.
За утре (среда) во 8:45 часот пред полициската станица Беко во Скопје, најавија протест за поддршка на извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска и на проф. Мирјана Најчевска кои се повикани на информативен разговор поради учество во протестите. Вчера на информативен разговор беше повикан и претседателот на Хелсиншкиот комитет на Македонија и професор на Правниот факултет на УКИМ Гордан Калајџиев, кој доби прекршочна пријава за нарушување на одредбите од законот за јавна чистота и поради фрлање боја е казнет со 50 евра парична казна.
Во соопштението Протестирам вели декаа нема да дозволат власта да избега со украденото, а уште помалку да останат во земјата несоочени со правда.
„Нема да дозволиме повторно заташкување на ситуацијата и губење на уште една година во реформи од типот ’едно напред, три назад’“, се вели во соопштението и се повикуваат граѓаните, особено до оние кои сѐ уште не се вклучиле во протестите, да дојдат пред Специјалното јавно обвинителство и да се приклучат на протестот.