СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ СО 48 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ БИДАТ ПЛАТЕНИ 51 ОТСТО ОД ДОЛГОВИТЕ НА ОПШТИНИТЕ

    СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ СО 48 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ БИДАТ ПЛАТЕНИ 51 ОТСТО ОД ДОЛГОВИТЕ НА ОПШТИНИТЕОсвен плаќање на дел од долговите на општините, Владата на денешната седница предложила и законски измени со кои општините во иднина при планирање на буџетите приходите ќе можат да ги зголемат најмногу до 10 отсто од просекот на остварени приходи во последните три години (Фото: Влада на РМ)

    Со ребалансот на буџетот државата ќе обезбеди 3.20 милијарди денари (48 милиони евра) за плаќање на долговите на сите општини во Македонија, со што ќе бидат покриени 51 отсто од досепаните, а неплатени обврски што ги имаат единиците на локална самоуправа и установите од областа на образованието, здравството, детската и социјална заштита кои се формирани од единиците на локалната самоуправа. Министерот за финансии Драган Тевдовски, кажа дека на денешната седница Владата одлучила да даде финансиска поддршка на сите општини во земјава, кои имаат натрупани долгови од 5,95 милијарди денари (96 милиони евра), од кои 5 милијарди денари (81 милион евра) се долгови на општините, а 950 милиони денари (15 милиони евра)  се долгови на установите од областа на образованието, здравството, детската и социјална заштоита кои се под надлежност на општините.

    „Владата на денешната седница усвои ново законско решение, со кое се уредува финансиска поддршка на општините за пријавените, а неплатени обврски. Со ребалансот на буџетот за оваа намена се предвидени 3,020 милијарди денари, а парите се строго наменски и неповратни. Ова го правиме за да се зајакне фискалниот капацитет на општините и раздолжување кон стопанството“, рече Тевдовски.

    Тој кажа дека за да се спречи во иднина општините повторно да трупаат долгови, заедно со финансиската поддршка Владата предлага измени на Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа.

    „Со законските измени се воспоставува фискално правило за планирање на основниот буџет на општините. Нереалното планирање на буџетите на општините е една од причините поради кои имаа долгови. Со законските измени се воведува ограничување при планирање на основниот буџет во делот на приходите, општините ќе може да планираат зголемување на приходите во основниот буџет најмногу до 10 отсто од просекот на остварените приходи во последните три години. Исклучок се само општините што ќе имаат потврда од соодветна институција за трансфер на средства за реализација на проект или со промена на законските решенија“, рече Тевдовски.

    Тој кажа дека за да се реализира Законот за пријавување и евиденција на обврските, кој беше донесен во април годинава, Министерството за финансии изготви електронски систем за пријавување на обврските од буџетските корисници, единиците на локална самоуправа, установите од култура, образование, здравство, детска и социјална заштита и единиците на локална самоуправа, јавните установи и други правни лица чиј основач е Република Македонија.

    „Неплатените обврски на државните институции заклучно со 30.09.2018 година изнесуваат 18,8 милијарди денари, или 307 милиони евра. Тоа е за 3,5 милијарди денари е помалку во однос на долговите пријавени од 31.05.2017 година, а намалувањето се должи на намалувањето на неплатените обврски“, рече Тевдовски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира