СО СПОЈУВАЊЕ НА КЛИНИКИТЕ ЌЕ НЕМА ПОТРЕБА ОД ЕКОНОМСКИ ДИРЕКТОРИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    СО СПОЈУВАЊЕ НА КЛИНИКИТЕ ЌЕ НЕМА ПОТРЕБА ОД ЕКОНОМСКИ ДИРЕКТОРИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕПред два дена Министерството за здравство го разреши економскиот директор на Клиниката за гинекологија и акушерство поради нарушени меѓучовечки односи. Втори или економски директори има уште во 15 клиники. (Фото:СДК.МК)

    Со обединување на клиниките во еден клинички центар ќе се реши прашањето дали јавните здравствени установи треба да имаат втори или организациски директори. Ова пред два дена го изјави министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање до каде е идејата за укинување на економските директори, што беше најавено уште пред две години, а средствата што се трошат за нивниот ангажман да се употребат за награди и плати на докторите.

    Истиот ден министерот го разреши од функцијата економски директор на Клиниката за гинекологија и акушерство Валон Беља, поради нарушени меѓучовечки односи. Тој на оваа функција беше именуван лани во октомври.

    „Останаа многу малку економски директори и имавме многу активна дебата околу тоа дали на некои институции им е навистина потребен економски директор, затоа што има институции со голем број вработени и некогаш еден директор не може да ја заврши работата, да изменаџира или некогаш му треба помош од некој човек кој има некоја друга струка. Во таа смисла дебатата не е завршена, сметам дека по обединување на клиничкиот центар ова прашање конечно ќе се затвори“, рече Филипче.

    Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека идејата е да се укинат економските директори на клиниките со нивна фузија во една установа.

    „Сѐ уште не е дојдено до спојување на клиниките, но така би се решило ова прашање. Во некои од институциите поради спецификата или големината на институцијата можно е да остане втор директор, и дебатата продолжува“, вели Филипче.

    Укинувањето на економските директори уште лани во јуни беше проблематизирано уште лани во јуни, при носење на измените на Законот за здравствена заштита со кои требаше да се укинат овие функции. Укинувањето на организациските директори на клиниките и институтите ги засега седум директори од редовите на ДУИ, кои во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ беа именувани за в.д директори, како и осум организациски директори од редовите на ВМРО, на кои во август 2016 година им беа дадени нови решенија за директори со мандат до август 2020 година.

    Според податоците од Министерството за здравство 15 здравствени установи имаат организациски директори, а во 14 се по двајца, бидејќи во Институтот за медицина на трудот има само економски директор.

    Министерството за здравство распиша и оглас за полагање менаџерски испити за директори на клиниките (Фото: СДК.МК)

    Министерството за здравство на 15 овој месец распиша оглас за испити за директори на јавните здравствени установи, кои според постоечките законски решенија треба да ги имаат положено сите менаџери на болници и клиники. Овој оглас според најавите од Филипче требаше да се распише кон крајот на јануари, но тој вели дека работите се одолговлекле поради изборите и поради тоа што многу време им одзело формирањето на комисиите за подготовка на прашањата и административно да се среди распишување на огласот. Согласно огласот испитите ќе се полагаат во септември, во два дела теоретски и практичен, а прашањата се подготвени во четири модули. Оние кандидати кои успешно ќе го положат испитот за менаџер, ќе полагаат и испит за јавни набавки.

    Директорите на клиниките и на болниците се назначени како вршители на должност, а министерот вели дека неодамна повторно им се продолжени мандатите за в.д. директори за нови шест месеци. Претходно мандатите им беа продолжувани на два наврати. Филипче рече дека мандатите им ги продолжиле за да можат да ги подготват менаџерските испити, на кои ќе може сите заинтересирани да се јават.

    „Подготовката на менаџерски испити не беше завршена и тоа ни одзеде многу време, во формирање на комисиите кои ги подготвуваа и ревидираа прашањата, контактот со Шефилд Универзитетот каде што беше еден од членовите на комисиите како странец. Сето тоа одзеде многу време административно да се среди. Сега конечно се распишани огласите за да може кој било да се пријави за директор“ рече Филипче.

    Според постоечките законски решенија сите што потоа ќе се јават на оглас за директор на јавна здравствена установа треба да ги имаат положено овие испити.
    „Сметавме дека е несоодветно да распишеме конкурси за директори во ситуација само кога поранешните директори на клиниките и сосем мал број други луѓе ги имаат положено тие испити, и со тоа да ја елиминираме можноста кој било друг да се јави. Сега огласот е отворен и ги повикувам сите заинтересирани, кои имаат капацитет согласно условите во законот да се јават и да полагаат менаџерски испит“, вели Филипче.

    Е.БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира