СОБИРОТ ЗА ПРОСЛАВА НА ИЗЛЕГУВАЊЕТО НА АРТАН ГРУБИ ОД КУЌЕН ПРИТВОР БИЛ СПОНТАН, ТОЈ НЕ ГО ОРГАНИЗИРАЛ, НЕГОВИТЕ АДВОКАТИ СЕ ОГРАДИЈА И СЕ ИЗВИНИЈА

    СОБИРОТ ЗА ПРОСЛАВА НА ИЗЛЕГУВАЊЕТО НА АРТАН ГРУБИ ОД КУЌЕН ПРИТВОР БИЛ СПОНТАН, ТОЈ НЕ ГО ОРГАНИЗИРАЛ, НЕГОВИТЕ АДВОКАТИ СЕ ОГРАДИЈА И СЕ ИЗВИНИЈАСобирот на граѓани, соседи и пријатели беше спонтан, пред домот на Артан Груби, без говори, без пораки, и без политички одбележја, вели одбраната на ексвицепремиерот, ворообвинет во случајот со злоупотреба на 9,7 милиони евра во Државна лотарија. (Фото: Инстаграм)

    Одбраната на Артан Груби се огради и се извини за синоќешниот собир во скопски Чаир на кој со факели и чадни бомби беше пречекан ексвицепремиерот Груби, кој излезе од куќен притвор откако судот му ја укина мерката. Груби е второобвинет во предметот „Државна лотарија“ за злоупотреба на службена положба и овластување и нанесена штета од 9,7 милиони евра во државната компанија.

    „Одбраната на Артан Груби ја информира јавноста дека се оградува од самоиницијативното одржување на собир на граѓани, соседи и пријатели, по повод укинувањето на мерката домашен притвор за Артан Груби по 8 месеци притвор. Собирот беше спонтан, пред домот на Артан Груби, без говори, без пораки, и без политички одбележја. Укинувањето на мерката претставува одлука на надлежните органи во рамките на законски предвидените постапки. Во името на нашиот штитеник, им се извинуваме на сите граѓани кои може да биле вознемирени синоќа од неколкуминутниот спонтан настан, што би можел да создаде погрешна слика во јавноста“, велат адвокатите во соопштението во кое потенцираат дека Груби „не учествувал во организацијата, ниту таа претставува некаков негов политички став или иницијатива“.

    „Секое изразување поддршка од страна на граѓани или групи е нивен личен избор и не треба да се поврзува со одбраната. Нашиот фокус останува исклучиво на правните аспекти на предметот, заштитата на правата на Артан Груби и обезбедувањето законита и правична постапка“, вели одбраната.

    Од Кривичниот суд соопштија дека одлуката за укинување на куќниот притвор е донесена поради истекување на законски дозволениот рок од 60 дена, сметано од денот на поднесувањето на обвинителниот предлог. Судот не му ја прифати понудената гаранција за барањето да му биде вратен пасошот. Тој има и забрана да го напушта Скопје додека трае судењето. На рочиштата Груби изјави дека не се чувствува виновен. Судењето почна на 24 август.

    По 14 месеци бегство во Косово, Груби се предаде на Блаце на 23 февруари 2026 и спротивно на досегашната пракса за бегалци од правдата, не остана во притвор туку по неколку часа во затворот во Шутка, кажа дека не се чувствувал безбеден во Шутка, па обвинителот, оперативци од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и од Министерството за внатрешни работи (МВР) и судијата на претходна постапка веднаш го извадија од затворот со предлог за мерка куќен притвор.

    За купени апарати за игри на среќа во вредност од 9,7 милиони евра во Државна лотарија на Македонија во 2023 и во 2024, обвинети се вкупно осуммина: ексвицепремиерот Артан Груби, поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами, ексгенералниот секретар на владата Методија Димовски, како и поранешните членови на надзорен одбор на ова државно претпријатие: Скендер Мехмети, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриовски и Башким Авди и Бојан Јанев.

    На сите обвинети им се става на товар кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5, во врска со став 4 и став 1, како и член 22 од Кривичниот законик, што како што се тврди во обвинителниот предлог, ги сториле во 2023 и 2024 година. Пропишаната казна за овие кривични дела е од една до пет години затвор.

    Обвинителството тврди дека обвинетите незаконски овозможиле набавка на машини и видеолотариски терминали и самостојно приредување електронски игри на среќа во вредност од 9,7 милиони евра, иако законското право веќе било доделено на компанијата Казинос Австрија. Груби претседавал со владината седница на која била донесена спорната одлука поврзана со работењето на Државна лотарија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира