Пратеничката група на СДСМ собрала од своите редови 20 потписи колку што се потребни според Деловникот за да свика седница претседателот на Собранието Талат Џафери. Иницијативата со потписите тие ќе ја поднесат до спикерот утре.
За иницијативата претседателот на Собранието Џафери ќе се изјасни откако ќе биде поднесена до него, велат од кабинетот. Џафери повеќепати кажа дека Собранието кое се самораспуштило не може пак да се свикува, а ако некому му пречи што пратениците земаат плата до изборот на нов парламентарен состав, нека го смени законот и нека им ги укине платите.
Токму поради тоа смета пратеникот од СДСМ Хари Локвенец, треба да се свика Собранието. Не случајно, вели тој, се оставени тие мандат и плати на пратениците, за во ретки исклучоци, во услови на воена или вонредна состојба, тие да може да се соберат и да бидат контролори на Владата и на уредбите со законска сила што ги носи.
Идејата на пратеничката група на СДСМ е Собранието да ги потврди одлуките на претседателот на Македонија Стево Пендаровски за две последователни вонредни состојби. По првата, донесена на 18 март, Пендаровски прогласи нова вонредна состојба на 18 април, зашто за првата немаше Собрание да му ја потврди, а пандемијата е во екот и постоеше потреба од продолжување на вонредната состојба.
Од кабинетот на Џафери не коментираат пред да биде поднесена таква евентуална иницијатива, ни дали, ни каде би се одржала собраниска седница. Во сила се владини мерки со забрана за групирање на повеќе од две лица, па пратеници од СДСМ велат дека седница ако се сака, може да се одржи онлајн, може на пропишаното растојание во пленарната сала каде се редовните седници, а може, велат тие, и во големата сала под куполата која е поголема од пленарната и таму рачно да се гласа за одлуките на Пендаровски, бидејќи тоа го бара Уставот.
Но, велат, таа организација е работа на претседателот Џафери и на генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова.
С. К. ДЕЛЕВСКА