СОБРАНИЕТО ГИ ИЗГЛАСА НОВИТЕ МИНИСТРИ ВО ВЛАДАТА НА ЗАЕВ

    СОБРАНИЕТО ГИ ИЗГЛАСА НОВИТЕ МИНИСТРИ ВО ВЛАДАТА НА ЗАЕВНовите министри и заменици-министри совесно ќе си ги вршат своите обврски почитувајќи ги законите, рече премиерот Зоран Заев во експозето за реконструкцијата на владата на денешната собраниска расправа. (Фото: М. Златевска)

    По целодневна расправа, Собранието вечерва ги изгласа новите четворица министри во Владата. Станува збор за ресорите правда – Рената Дескоска (СДСМ) – 67 гласа „за”, образование – Арбр Адеми (ДУИ) – 67 гласа „за” и култура – Асаф Адеми (Беса-крилото на Африм Гаши) – 66 гласа „за”, а нов министер без ресор, задолжен за странски инвестиции, е Бардил Даути (ДПА) – 65 гласа „за”.

    Дебатата на денешната седница помина во меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата што направиле и што не направиле владите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, како и за рејтингот на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

    Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, владата на Заев ја нарече „ќе влада“.

    „Оваа Влада ќе остане запаметена како ’ќе‘ влада, бидејќи една година само вика ’ќе‘. Нема ништо сторено ниту сработено, нема резултати за една година од формирањето“, рече Данев.

    На обвинувањата на пратениците на опозицијата реагираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, кој рече дека ако актуелната влада е „ќе“ влада, тогаш претходната била „не“ влада, односно антивлада.

    Дополнително, за заменик- министер за надворешни работи беше изгласан Андреј Жерновски, за заменик министер за здравство Асим Муса, за заменик министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и за транспорт и врски Садик Беќири.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира