СОБРАНИЕТО ГО РАТИФИКУВАШЕ ДОГОВОРОТ ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО СО БУГАРИЈА

    СОБРАНИЕТО ГО РАТИФИКУВАШЕ ДОГОВОРОТ ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО СО БУГАРИЈАДоговорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија беше ратификуван лани во ноември од бугарскиот Парламент. Со ратификувањето во македонското Собрание, договорот стапува во сила. - Од денешното гласање во парламентот (Фото: М. Златевска)

    Парламентарното мнозинство на СДСМ и ДУИ, во отсуство на премиерот Зоран Заев, со 61 глас „за“ и еден „воздржан“ (Ферид Мухиќ), го ратификуваше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. На 1 август, Договорот го потпишаа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов во Скопје. Веќе на 2 август двајцата исполнија една од точките во Договорот, заедно отидоа на Мечкин Камен да го прослават Илинден.

    Покрај заедничко чествување на празниците, со Договорот е предвидена соработка пред меѓународните институции на чело со Обединетите нации и Советот на Европа, соработка на полето на инвестициите, економијата, царината, туризмот, спортот, образованието, културата.

    Со Договорот, веќе ратификуван од Бугарскиот парламент и се обврза дека ќе ја помага Македонија на патот за членство во ЕУ и НАТО, Македонија се обврзува дека ништо од нашиот Устав не може и не треба да се толкува како мешање во внатрешните работи на Бугарија со цел заштита и правата на лица што не се државјани на Македонија.

    „Не сме целосно среќни, ни ние, ни Република Бугарија, но најважно е што нè обврзува да се однесуваме европски и двете страни. На денешен ден, нашиот сосед нè има признаено под уставното име. Убаво ќе беше опозицијата да беше денеска тука и да го поддржи Договорот“, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров пред гласањето.

    Властите во Македонија и во Бугарија очекуваат со Договорот за пријателство и добрососедство конечно да се стави крај на неколкудеценискиот говор на омраза и фобии од одредени категории граѓани и политичари во двете држави.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира