Собранието денеска го разреши вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој по два месеца недоаѓање на работа, на 1 јуни поднесе оставка. Фетаи не дојде во Собранието да ја образложи оставката.
И покрај тоа што не доаѓаше на работа, а премиерот Христијан Мицкоски одби да одговори на секојдневните прашања од новинари и од пратеници – дали знае каде е неговиот заменик, кој на функцијата дојде како кадар на коалицијата „Вреди“, дали зема плата додека не доаѓа на работа, дали од неговите патувања на егзотични места државата има некаква полза, сепак денешното разрешување следи откако тој самиот поднесе оставка на 1 јуни и објави на Фејсбук.
Претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека Фетаи нема да ја образложи оставката пред пратениците и констатираше дека, согласно членот 246 од Деловникот, на министерот му престанува функцијата.
Во оставката до премиерот, која ја објави и на фејсбук, Фетаи изрази благодарност за укажаната доверба да ја извршува функцијата вицепремиер за добро владеење, а кажа и дека си заминува со гордо крената глава.
Во меѓувреме, на 4 јуни Изет Меџити, копретседател на коалицијата „Вреди“, отврди дека Фетаи ќе биде специјален претставник на Владата во Постојана мисија на Македонија при Европска Унија во Брисел.
С. К. ДЕЛЕВСКА



