Со 66 гласови „за“, пратениците денеска го усвоија законот со кој дел од Шар Планина ќе стане национален парк, објави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Македонија со тоа го доби четвртиот национален парк, а прв од 1958 година.
„Горд сум што можам да објавам дека Собранието на Република Северна Македонија со мнозинството од 66 гласови даде зелено светло за законот со кој дел од Шар Планина станува национален парк. Со прогласувањето на Шар Планина за заштитена област се овозможува воспоставување систем на одржливо управување со областа која е дом на две третини од сите растителни видови во Северна Македонија, како и на богати и ендемски флора и фауна. Тој располага со исклучителна природна убавина, геодиверзитет, хидролошки карактеристики и пејзажни и културни вредности“, напиша Нуредини на Фејсбук.
Владата на 2 март го одобри текстот на Предлог законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Заедно со територијата на Шар Планина на Косово, националниот парк Маврово и со делот на Кораб од албанската страна, со ова се добива заштитена површина од вкупно 240.000 хектари, што е едно од најголемите прекугранични подрачја во Европа.
Според планот што неодамна го претстави Министерството за животна средина и просторно планирање, паркот ќе има три зони, при што во строго заштитената зона влегуваат Кобилица, Љуботен, Бистрица, Лешница и Маздрача на границата со националниот парк Маврово. Останатите две се зона на активно управување и одржливо користење и бафер зона, која ќе има комерцијален карактер и е наменета за развој на идниот скијачки центар.
Г. КОНЕВ