Собранието со 67 гласови „за“, 23 „против“ и 4 „воздржани“ го изгласа првиот од четирите нацрт-амандмани за промена на Уставот, предвидени со Договорот од Преспа.
Со првиот амандман (33), се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски аспект и се однесува на „посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија.
Иако имаше поголем број на пријавени дискутанти, владејачките пратеници се откажаа од дискусијата.
Пратеникот Панчо Минов, од ГРОМ, рече дека очекувал повеќе од расправата за аманманот, бидејќи тој претставува суштина на државните приоритети на Република Македонија и побара јасно да се дефинира дека промената на името ќе се однесува на насловот и текстот на Уставот, односно нема да има промена на Преамбулата, како и дека промената на името да биде условено по нашето членство во ЕУ и во НАТО.
Парламентарното мнозинство смета дека амандманот 33 се однесува на името на државата и дека со него конечно се дефинира името на нашата држава во поширок историски контекст и дека додавањето на географската одредница „Северна“ е реално, но и историско решение на дефинирање на модерна држава.
Пратеникот Фадил Зендели, од Движењето БЕСА од крилото на Биљал Касами, рече дека како опозиција го поддржале Договорот од Преспа, за кој сметале дека е предуслов за евроатлантски интеграции на Македонија, иако имале забелешки и сугестии за Договорот.
Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека Договорот од Преспа е капитулантски и дека со него проблемите нема да завршат, туку само ќе се отворат нови, бидејќи со договорот се става крај на Република Македонија.
„Ниту гласав за отворање на постапката за носење на уставните измени, ниту ќе гласам за носење на овие амндмани. Македонија без грам барут ќе ја снема“, рече Стојаноска.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во репликата кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ рече дека мисли како да живееме на различни планети и дека сме нација со комплекси.
„Кога влеговме во Обединетите Нации, нашата куќа почнавме да ја градиме со обврска да го решиме проблемот со Грција. Со копањето назад по антиката, ги изгубивме пријателите. Дали е точно дека нашата држава не го опфаќа целиот регион Македонија“, рече Димитров.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ реагираа на репликата на Димитров, и побараа тој да се извини на македонскиот народ за навредите што ги кажал во репликата, но не добија извинување од Димитров.
Во моментов во Собранието тече расправата за вториот амандман (34).
Г. ТРПЕНОСКИ