Собранието со 65 гласови „за“ го изгласа Законот за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и на Кичево-Охрид, со кој што рокот за завршување на автопатот Миладиновци-Штип наместо до први мај 2017 се продолжува до 30 септември 2018 година. Измените, според предлагачот, Владата на РМ, се потребни поради изменети и корегирани градежни работи на делницата.
Тоа се автопатите што ги гради кинеската компанија „Синохидро“ и кои поради низа спорни моменти на што укажаа дел од незаконски прислушуваните разговори, резултираа со подигнување на обвиненија од Специјалното јавно обвинителство за високи функционери од претходната влада.
Анексот на договорот за изградба на делницата Миладиновци-Штип ќе го склучат Јавното претпријатие за државни патишта и компанијата кинеската компанија, која ги гради новите автопати.
Опозицијата во Собранието ја обвини владата на премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески дека законот се носи со задоцнување и дека ова се прави само за манипулирање на јавноста од власа за да добие политички поени пред локалните избори.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски рече дека автопатот Кичево -Охрид бил пример на криминал и дека тоа треба друг да го докажува и праша зошто до сега се пробиени роковите за изградба на патиштата кои дел од нив требало да бидат готови на 1 мај оваа година. Сугаревски демантираше дека ја кочи изградбата.
„За да ги исправиме грешките на претходната власт затоа ги предлагаме овие измени на Законот“, рече Сугарески.
Министерот Сугаревски потенцираше дека ниту еден проект од негова страна не е стопиран и според него, проектот на автопатот Кичево-Охрид е правен во зградата на ВМРО-ДПМНЕ, на дневна основа и има големи промашувања на трасата.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече СДСМ намерно ги стопирала изградбите на автопатиштата, за да ја оцрни претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„На проектот чив печат стои? Градежниот фкаултет. На највисоката институција, проектот ниту е правен во белата, ниту во црната куќа. На пректот стои печатот на Градежниот факултет“, одговори Димовски на обвинувањата од Сугарески дека пректот е правен во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и дека трасата е промашена.