СОБРАНИЕТО ЌЕ ГО ПРОДОЛЖИ МАНДАТОТ НА ДИК, ЗА ДА НЕ ОРГАНИЗИРА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ СО ИЗМИНАТ МАНДАТ ВО АПРИЛ

    СОБРАНИЕТО ЌЕ ГО ПРОДОЛЖИ МАНДАТОТ НА ДИК, ЗА ДА НЕ ОРГАНИЗИРА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ СО ИЗМИНАТ МАНДАТ ВО АПРИЛИзмената се прави бидејќи мандатот на постојниот состав на ДИК трае до втори јануари, за да не се случи да има ДИК со истечен мандат, а претстојат претседателски, но може да се случат и предвремени парламентарни избори заедно со претседателските во април. Подносители на измените се координаторите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Томислав Тунтев, Никола Мицевски и Ејуп Алими и Неџмедин Каремани од Беса (Фото: К. Попов)

    Сите парламентарни партии се согласија шестмесечниот мандат на Државната изборна комисија (ДИК) да се продолжи до изборот на нов состав, но не подолго од две години. На собраниската седница утре на дневен ред се измените на Изборниот законик по скратена постапка.

    „Мандатот на Претседателот, потпретседателот и членовите на Државната изборна комисија трае од денот на изборот од Собранието на Република Македонија до изборот на нов состав на Државната изборна комисија, но не подолго од две години“, стои во образложението на измените на Изборниот законик. Со измените, ќе се овозможи непречено натамошно функционирање на ДИК.

    Пратениците со кои разговаравме велат дека измената се прави бидејќи мандатот на постојниот состав на ДИК трае некаде до втори јануари.

    „За да не се случи да има некој вакуум простор, ни претстојат претседателски, но може да се случат и предвремени парламентарни избори заедно со претседателските во април, а мандатот на актуелниот состав на ДИК е до јануари. Ова е  привремено решение, кое ќе трае до утврдување на новиот модел на ДИК, кој моментално партиите го работат“, велат дел од пратениците за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Тие дополнуваат дека нема бегање од нов модел за ДИК, бидејќи тоа е обврска од препораките на комисијата на Рајнхард Прибе што мора да се имплементираат до јуни 2019, кога ЕУ треба да утврди датум за почеток на преговорите за влез во Унијата.

    Неофицијално, измените се носат бидејќи власта и опозицијата не можат да се договорат не само за моделот на ДИК, туку и за изборниот модел, и дали Пржинска влада ќе важи само за парламентарни избори, или да се примени и за претседателски и локални избори.

    Работата на ДИК беше една од главните забелешки во Извештајот на Прибе, во кој се бараше целосна професионализација на ова тело. Критики имаше и во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР кои на неколку пати  укажуваа да се тргне партиското влијание за да има фер и демократски избори.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира