Собраниската комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања со 5 гласови „за“ и 4 „против“ и ниту еден воздржан, изгласа Собранието да му го одземе имунитетот на пратеникот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски, по барање на Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Одлуката на Комисијата, претседателот Павле Богоевски треба да ја достави до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој треба да закаже пленарна седница. Неофицијално, в понеделник треба да биде ставена точката на дневен ред.
Претходно, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара да не му се симнува имунитетот на Димовски, бидејќи тој претходно бил обвинет за потешко кривично дело и не избегал и целосно бил достапен на правосудните органи.
„Тој за поголемо дело беше редовен, присуствуваше, му беше вратен пасошот и не избега. Затоа, барам да не му се симнува имунитетот и да му се дозволи својата невиност да ја докаже од слобода“, рече Мицевски.
Претседателот на комисијата Богоевски кажа дека пратенците не одлучуваат пратеникот да оди во притвор туку овозможуваат Судот да донесе одлука и тој да си ја докаже својата невиност на суд.
На предлог на Обвинителството за организиран криминал и корупција за определување мерка притвор за четворицата уапсени бивши функционери, вчера судија на претходна постапка попладнево во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, им одреди притвор од по 30 дена на поранешниот министер за земјоделие Михаил Цветков и на заменикот министер Христијан Делев. На поранешниот министер Александар Спасеноски судијата поради здравствени причини му одредил куќен притвор од 30 дена, додека пратеникот и ексминистер за земјoделие Љупчо Димовски се повика на пратеничкиот имунитет и тој ќе биде дополнително повикан да даде исказ во судот, откако ќе се создадат услови за тоа.
Четворицата се дел од истрага почната од обвинителката Вилма Русковска уште во 2016, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувањата, со што државата ја оштетиле вкупно за милион и пол евра. Обвинителството за организиран криминал вели дека додека биле на функција, тие толерирале неплаќање закуп на доделено државно земјиште и дека на неплаќачите со години не им ги раскинувале договорите, со што се наталожил долг од милион и пол евра на штета на Буџетот.
Димовски кој во декември лани доби амнестија за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 е пратеник, но судија на претходна постапка издал наредба и за негово приведување.
Г. ТРПЕНОВСКИ