Собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР) утре претпладне ќе одржи седница. Седницата следи откако Агенцијата за национална безбедност и премиерот Христијан Мицкоски обвинија дека тој за време на претходната власт бил прислушуван и следен, а бившото раководство на АНБ и опозициониот СДСМ рекоа дека дека тоа се измислици и оти Мицкоски никогаш не бил цел на прислушување.
Единствена точка на дневен ред е предлог-заклучок за влегување во контрола на АНБ.
Не е кажано дали седницата ќе биде зад затворени врати и во таканаречената Глува соба во Собранието, туку само дека со неа ќе заседава ексминистерката за одбрана, пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска. Таа сега е членка на Комисијата за надзор над АНБ и АР.
На 2 септември, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека државата се соочува со нов скандал поврзан со нелегално прислушување и масовна злоупотреба на системот во изминатите неколку години. На овие обвинувања реагираше поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, кој ги негираше ваквите тврдењата и побара од актуелниот директор на Агенцијата Бојан Христовски веднаш да ги декласифицира документите за наводните злоупотреби.
Говорејќи на тематски состанок за Партнерство за отворена власт, Мицкоски изјави дека тој лично, заедно со новинари, бизнисмени и јавни личности, бил жртва на систем кој ги следел сопствените граѓани.
Преку објава на Фејсбук, поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, кој ја извршуваше функцијата во дел од споменатиот период (2019-2022), тврди дека Мицкоски, како тогашен лидер на опозицијата, не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, ниту пак кон него биле применувани оперативно-технички мерки.
На 29 август беше објавено дека Агенцијата за национална безбедност под водство на директорот Бојан Христовски, доставила три известувања до Јавното обвинителство за еден од своите поранешни директори, како и група вработени, зашто од 2019 до 2024 година, следеле опозиционен лидер и неколку медиуми. Извори од АНБ рекоа дека незаконски бил следен и обвинител, министер од претходната влада, како и неколку новинари.
С. К. ДЕЛЕВСКА