СОМНИТЕЛНИ ВРАБОТУВАЊАТА НА РОДНИНИ НА БЕКТЕШИ, КИРАЦОСКИ И СТОЈЧЕВСКА, УТВРДИ АНТИКОРУПЦИСКА

    СОМНИТЕЛНИ ВРАБОТУВАЊАТА НА РОДНИНИ НА БЕКТЕШИ, КИРАЦОСКИ И СТОЈЧЕВСКА, УТВРДИ АНТИКОРУПЦИСКАНа денешната седница беа разгледани 18 случаи за потенцијален непотизам. - Антикорупциската комисија (Фото: СДК.МК)

    Антикорупциската комисија ќе поведе прекршочна постапка против министерот за економија Крешник Бектеши, бидејќи не ги известил дека сестра му Влора Бектеши се вработила во државната компанија МЕПСО додека живееле на иста адреса, беше одлучено на денешната седница на комисијата. Истовремено, од Антикорупциска велат дека нема образложение зошто токму сестрата била избрана во првите 5 од 73 пријавени на конкурсот, а потоа со одлука на директорот била и вработена.

    Бектеши пред еден месец кажа дека не чувствува морална одговорност за вработувањето на сестра му, бидејќи, како што кажа, таа е полнолетна, не живее со него, мажена е и сама одлучува за својот живот.

    Кај пратеничката Мира Стојчевска, спорно е вработувањето на синот, кој е вработен во ЕЛЕМ. Тој бил вработен со дискреционо право на директорот, а неговото работно место не постоело во систематизацијата, па Антикорупциска ќе ја извести Владата, како основач на ЕЛЕМ. За сопругот и братот на Стојчевска, Антикорупциска утврди дека немало влијание при вработувањето и унапредувањето.

    Во врска со вработувањето на роднини на генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацоски, Антикорупциска ќе ги известат надлежните институции да утврдат дали има одговорност.

    За сестра му Мирјана Јосифовска, вработена во Централен регистар, непосредно пред да се објави огласот, оваа институција направила систематизација на работните места и го зголемила бројот на советници за дистрибуција на информатички податоци од два на три, а како услов за вработување било наведено дека се бараат лица со завршен Факултет по географија. Сите останатите кандидати кои се пријавиле биле дисквалификувани поради несоодветно образование. По вработувањето, Јосифовска била испратена да работи во одделението во Битола каде што и живее, па Антикорупциска ќе побара да се утврди дали директорката на Централен регистер ја злоупотребила службената положба.

    За Борче Поповски, татко на сопругата на Кирацоски, ангажиран во РЕК Битола, Антикорупциска побара да се утврди одговорност од генералниот директор на РЕК Битола за што ќе ја информира Владата, бидејќи требало да објави оглас, а не да ангажира лица преку Агенција за привремени вработувања.

    За Мери Поповска, мајка на сопругата на Кирацоски е вработена со непотизам, Антикорупциска утврди дека мајката на сопругата на Кирацоски била вработена во училишниот дом „Мирка Гинова“ во Битола како технички секретар на работно место кое било креирано непосредно пред да биде објавен огласот и за тоа ќе биде известена Владата, како основач на институцијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира