СОСТАНОКОТ НЕ Е ЗА ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ, КАЖАА МЕРКЕЛ И МАКРОН ЗА СРЕДБАТА СО ЛИДЕРИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО БЕРЛИН

    СОСТАНОКОТ НЕ Е ЗА ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ, КАЖАА МЕРКЕЛ И МАКРОН ЗА СРЕДБАТА СО ЛИДЕРИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО БЕРЛИНАнгела Меркел и Емануел Макрон на заедничката прес-конференција го пофалија Договорот од Преспа како пример за решавање тешки проблеми. (Фото: принтскрин/Јутјуб)

    Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон кажаа дека на денешниот состанок во Берлин со лидерите на земјите од Западен Балкан нема да се разговара за политиката на проширување на Европската унија, туку за стабилноста на регионот. Двајцата имаа заедничка прес-конференција пред средбата со македонскиот премиер Зоран Заев и останатите лидери од регионот.

    „Денешниот состанок не е за пристапните преговори, тоа е процес што го води Европската комисија. Со Франција ја делиме одговорноста за напредокот на регионот и во заеднички европски интерес е да се погрижиме развојот да тргне по позитивен пат. Кај Северна Македонија видовме храбри чекори и земјата е пример дека може да се најде решение за долготрајни проблеми. Целиот регион може да напредува само заедно и тоа е целта на овој формат, но тој не го заменува Берлинскиот процес, ниту процесот на преговори за членство во ЕУ“, кажа Меркел.

    И Макрон го пофали Договорот од Преспа како пример за решавање тешки проблеми.

    „Стабилноста на Европа зависи од стабилноста на Западен Балкан. Договорот од Преспа покажа дека може да се решат и проблеми кои изгледаат непремостливи. Два приоритети имаме денеска. Првиот се Србија и Косово и се надеваме дека ќе имаме разумен дијалог Вториот приоритет е Германија и Франција заедно да придонесат за стабилноста на регионот. Ова не е за политиката за проширување на ЕУ, ова е за зајакнување на стабилноста“, рече Макрон.

    Покрај Заев, во Берлин се Александар Вучиќ од Србија, Еди Рама од Албанија, Хашим Тачи од Косово, Мило Ѓукановиќ од Црна Гора и Денис Звиздиќ од БиХ. На состанокот се поканети и премиерите на Словенија и Хрватска, Марјан Шарец и Андреј Пленковиќ.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира