СПАСЕН ПАЦИЕНТ СО МОЗОЧЕН УДАР СО НОВ КОМБИНИРАН МЕТОД ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ ТРОМБ

    СПАСЕН ПАЦИЕНТ СО МОЗОЧЕН УДАР СО НОВ КОМБИНИРАН МЕТОД ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ ТРОМБТимот составен од невролози, анестезиолози и радиолози од скопските клиники, му го спасил животот на пациентот со помош на комбинираниот метод на тромболиза и тромбектомија, кој во Македонија станува практика; - Министерот за здравство Венко Филипче, кој денес го посети болниот (Фото: Министрество за здравство)

    Со нов комбиниран метод, тим лекари од скопските клиники завчера спасил пациент со мозочен удар на кој му бил запушен главниот крвен сад во мозокот. Од Министерството за здравство соопштија дека тимот составен од невролози, анестезиолози и радиолози, му го спасил животот на пациентот со помош на комбинираниот метод на тромболиза и тромбектомија, кој во Македонија станува практика.

    „Овој метод се применува во сите современи клиники во Европа и Америка. Станува збор за зафат во исто време со тромболиза, која го омекнува тромбот заглавен во крвниот сад, и тромбектомија или механичко отстранување на тромбот. Тоа е направено во најкус можен рок, на пациентот му е спасен животот, но и моторни функции на екстремитетите, кои често како последица од мозочен удар остануваат во состојба на одземеност“, велат од Министерство за здравство.

    Зафатот го изведоа д-р Анита Арсовска и д-р Бојан Бошковски и медицински сестри од Клиниката за неврологија, д-р Петар Јаневски, д-р Менка Лазарова и д-р Дејан Даскалов од Клиниката за радиологија и анестезиологот д-р Азби Агуши од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување.

    „Пациентот се чувствува добро. Најважно е дека навреме се спасени сите витални функции кај него, непречено ги движи и нозете и рацете. Без примената на оваа нова метода, пациент со ваков мозочен удар или ќе починеше или ќе останеше со трајни последици. Голем успех за тимот лекари кои беа вклучени во овој, за нас иновативен пристап, но кој покажува многу добри резултати при состојби на акутен мозочен удар. Им честитам на колегите, а на пациентот му посакувам побргу да закрепне и си оди дома кај семејството“, рече министерот за здравство Венко Филипче, кој денес беше во посета на болниот.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира