СПЕЦИЈАЛЦИ СТОЈАТ ПРЕД СУДНИЦА ДА ГО ПАЗАТ МИЈАЛКОВ ДА НЕ ИЗБЕГА КАКО ГРУЕВСКИ

    СПЕЦИЈАЛЦИ СТОЈАТ ПРЕД СУДНИЦА ДА ГО ПАЗАТ МИЈАЛКОВ ДА НЕ ИЗБЕГА КАКО ГРУЕВСКИЕксдиректорот на УБК Сашо Мијалков утринава првпат излезе од ќелијата во затворот во Шутка, од 20 ноември кога беше притворен за „Тврдина-Таргет“, за да присуствува на денешното рочиште за „Трезор“ на СЈО, за незаконската набавка на прислушна опрема од Британија. - Тој беше спроведен со комбе и пречекан од специјалци на МВР пред судот (Фото: СДК.МК)

    Маскирани специјалци го пречекаа од Шутка во Основниот суд Скопје 1 притворениот Сашо Мијалков, на рочиштето за нелегалната набавка на опрема за прислушување за УБК.

    Тие влегоа и внатре, застанаа пред вратата на судницата во која како јавност внатре беа седум члена на приватното обезбедување на ексдиректорот на УБК Мијалков. Членови на неговото семејство нема како јавност.

    Мијалков утре или в понеделник треба да дојде повторно во судот, зависи кога ќе биде закажана седницата во Апелациониот суд Скопје по жалба против одлуката за притвор. Мијалков побара седницата да биде јавна.

    Мијалков беше притворен на 20 ноември, една недела откако избега во Унгарија неговиот братучед, експремиерот Никола Груевски и доби политички азил од тамошните власти.

    Во судот коментираат дека глетката на специјалците на МВР внатре е непријатна, но додаваат дека ако МВР има индиции за бегство на обвинет, претседателот на судот мора да дозволи вооружени специјалци да влезат и внатре.

    „По бегството на Груевски МВР и Кривичниот суд сега ќе дуваат и на јогурт“, велат судии од овој суд.

    Иако на специјалците им се гледаат само очите, членовите на приватното обезбедување на Мијалков на паузата се поздравија со нив во холот на судот. Дел од нив се доскорешни вработени во Шестата управа за обезбедување во МВР.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари