СПОЕНО ИМЕ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕВОД НЕ Е НАЈДОБАР ПРАВЕЦ ВО РАЗГОВОРИТЕ, РЕЧЕ ДИМИТРОВ ПО СРЕДБАТА СО КОЅИАС

    СПОЕНО ИМЕ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕВОД НЕ Е НАЈДОБАР ПРАВЕЦ ВО РАЗГОВОРИТЕ, РЕЧЕ ДИМИТРОВ ПО СРЕДБАТА СО КОЅИАСОдржливо решение е тоа решение кое ќе биде прифатено од двете страни, рече министерот Никола Димитров на заедничката прес-конференција со грчкиот колега Никос Коѕиас во МНР. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Лесно е во политиката да не правиш ништо, особено во надворешната политика, но министрите за надворешни работи мора да наоѓаат решение за сите проблеми. Верувам дека политичките пречки ќе се надминат, рече грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, на заедничката прес конференција со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров.

    За грчкиот министер Коѕиас, уставните промени се природни.

    „Ги земаме предвид искуствата во ЕУ кога одлуките на уставните судови ги менуваат меѓународните договори, како на пример Германија и Спогодбата од Мастрихт. Затоа бараме и уставна промена и тоа е потребно да го разјасниме и да видиме кај ќе завршиме“, рече Коѕиас.

    Коѕијас смета дека не може една страна да прифати се што ќе предложи другата страна.

    „Во процесот секој треба да го добие тоа што е главно за него и да го даде тоа што е главно за другата страна Постојат компромиси, не можеш да наметнеш на никого како да се однесува“ рече Коѕиас.

    Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров рече дека одржливо решение е тоа решение кое ќе биде прифатено од двете страни.

    „Ова е втората вистинска средба на која разговаравме за суштината. Се работи за деликатен баланс, што е тоа што е важно за Грција, а што е важно за Македонија. Прашањето трае долго, се обидуваме да изградиме доверба, но мислам дека уште има предрасуди. Се надевам дека Никос ќе потврди дека има вистинска желба, без понижување да најдеме заедничко решение, со отворени врати кон иднината“, рече Димитров.

    Министерот Димитров кажа дека за една недела ќе имаат во Виена уште една средба, заедно со посредникот во спорот Метју Нимиц, а ако има потреба ќе се организираат повеќе средби за да се поместат работите напред.

    Споено име на македонски јазик и без превод не е најдобриот правец во разговорите, одговори министерот Димитров, прашан дали ова е едно од предложените решенијата.

    „Сегашната референца Поранешна Југословенска Република Македонија го содржи името Република Македонија и тоа е преведено на шесте официјални јазици на ОН. Тешко е да му кажам на мојот народ дека сложено име со некаква одредница заедно со името Македонија, во еден збор, е добро решение“, рече Димитров.

    По средбата со Димитров, грчкиот министер за надворешни работи замина на средба со премиерот Зоран Заев, а треба да се сретне и со претседателот на Собранието Талат Џафери, и лидерите на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира