Во паркот „Владимир и Косара“ во Бар, Црна Гора, од денеска е поставена спомен-плоча во знак на љубовта меѓу ќерката на Цар Самоил и црногорскиот кнез. Плочата е подарок од Македонија за Црна Гора и денеска во присуство на претседателите на две земји, Стево Пендаровски и Мило Ѓукановиќ, беше поставена во паркот кој се реконструира.
Плочата е изработена од склупторот Томе Аџиевски и е во спомен на ликот на црногорскиот кнез Владимир, неговата храброст и човечките идеали, како и легендата за неговата љубов со македонската принцеза Косара, ќерката на цар Самоил, која е опеана во „Летописот на попот Дукљанин“.
Според легендата, Владимир бил заробен од Цар Самоил и додека бил затворен во него се заљубила Косара. Нивната љубов била толку голема што Цар Самоил мора да ја одобри за да не ја изгуби ќерка си.
Изработката и поставувањето на плочата е иницијатива на Здружението за македонско-црногорското пријателство и Заедницата на Црногорците во Македонија.
А. АНТЕВСКА