СПРЕМНИ СМЕ ДА ПОСРЕДУВАМЕ ВО СПОРОТ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА, КАЖА АВСТРИСКАТА МИНИСТЕРКА ЗА ЕВРОПА ЕДШТАДЛЕР

    СПРЕМНИ СМЕ ДА ПОСРЕДУВАМЕ ВО СПОРОТ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА, КАЖА АВСТРИСКАТА МИНИСТЕРКА ЗА ЕВРОПА ЕДШТАДЛЕРАвстриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер денеска имаше средбата со вицепремиерот Никола Димитров во Скопје. (Фото: Принтскрин од видео на Влада на РСМ)

    Австрија се нуди да посредува во решавањето на спорот меѓу Македонија и Бугарија. Ова денеска го кажа австриската министерка за Европа и Устав Каролине Едштадлер, по средбата со вицепремиерот Никола Димитров во Скопје. Министерка Едштадлер смета дека ќе се направи голема грешка ако поради билатерални конфликти и нерешени прашања од историјата, Македонија не ги започне преговорите со Европската унија.

    „Сакам уште еднаш да ја кажам понудата на Австрија како еден вид посредник за решавање на проблемот помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Ние да посредуваме, затоа што конечно е време да почнат конференциите, земјите од Западен Балкан да ги вградиме во дијалогот и да им овозможиме иднина. Да не се случува тоа во наредните три, пет или 10 години, туку интеграцијата да се случи интеграцијата бргу и перспективата да им се даде сега. Австрија како партнер со земјите од Западен Балкан сака да ја игра оваа улога, знаејќи дека на европско ниво уште некои работи мора да се дозавршат за дијалогот да продолжи. Се надевам дека наскоро тоа ќе може да се случи“, кажа на заедничката прес-конференцијата со вицепремиерот Димитров, австриската министерка Едштадлер.

    Таа кажа дека Македонија и Албанија  не треба да се разделат во пристапниот процес со ЕУ.

    Вицепремиерот Никола Димитров кажа дека време е замјава да ги почне пристапни преговори и дека вистински тест за ЕУ е токму нашиот случај, бидејќи ние сме земја кандидат 16 години.

    „Нас во јуни 2018 година ни рекоа го цртаме патот да почнете преговори во јуни 2019 година. Во јуни 2019 година ни рекоа, сепак ќе одлучиме во октомври 2019, а во октомври 2019 година ни рекоа, не можеме сега да донесеме одлука. Одлуката се донесе во март 2020 година, меѓутоа уште не може да биде спроведена. Затоа сум сè поискрен и сè поотворен и мислам дека вистински тест за ЕУ е токму нашиот случај, ние сме земја кандидат 16 години, а во нивото на усогласеност сме апсолутно во слична, а во определени области и во подобра кондиција со државите кои веќе многу години се во пристапниот процес“, кажа Димитров.

    Шефот на германската дипломатија Хајко Мас, пак, по средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи во Берлин кажа дека спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија треба да остане на билатерално ниво и да го решаваат експерти, без притисоци од надвор. Тој по средбата со министерот Османи кажа дека не гледа причина во решавањето на спорот да се вклучуваат трети страни, но вели дека Берлин е секогаш подготвен да помогне и да го сподели своето искуство.

    „Германија е сериозна за ЕУ перспективата на земјите од регионот и тоа особено важи за Северна Македонија, која одамна ги исполни условите за почеток на преговорите. Затоа, минатата година многу се заложивме за одржување на меѓувладината конференција, но тоа не беше можно. Сега го поддржуваме португалското претседателство да го стори тоа. Не само што тоа го сметаме за логично, туку и за неопходно, не само од аспект на довербата на граѓаните во Северна Македонија, туку и поради интересот на ЕУ, колку е можно побрзо да ја одржиме меѓувладината конференција“, рече Мас.

    И Мас смета дека Македонија и Албанија не треба да се разделат на патот кон ЕУ, и покрај блокадата на Софија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира