И СРБИ И ЕСКИМИ ДА ЈА ПОВРЕДЕА АУРОРА, ИСТО ЌЕ РЕАГИРАВ, ВЕЛИ ИРЕНА РИСТИЌ ОТКАКО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА ОСОМНИЧИ ЗА РАСИЗАМ

    И СРБИ И ЕСКИМИ ДА ЈА ПОВРЕДЕА АУРОРА, ИСТО ЌЕ РЕАГИРАВ, ВЕЛИ ИРЕНА РИСТИЌ ОТКАКО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА ОСОМНИЧИ ЗА РАСИЗАМИрена Ристиќ со кобилата Аурора на средината на јули; - Поканата за распит во ОЈО Скопје закажан за 13 октомври (Фото: Приватна архива)

    „И наопаку да ме превртат, на пола да ме исечат и со најсофистицирани методи да тргнат да бараат, во мене нема да најдат омраза кон никого. Ќе најдат само оправдан бес, револт и очај. И во овој случај, како и неброено пати претходно, реагирам на девијантна појава“, рече за САКАМДАКАЖАМ.МК глумицата  Ирена Ристиќ, откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје ја осомничи за расизам и ја повика на распит.

    Ристиќ е повикана на 13 октомври да се јави во Обвинителството, како што стои во поканата „во својство на осомничена за кривично дело – ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и кривично дело – предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска и друга дискриминаторска основа“.

    Постапката на ОЈО следи по објавата на Фејсбук од јули на Ристиќ, за случајот со повредената кобила Аурора во Велес, кога граѓански здруженија за заштита на животните како и голем број активисти апелираа за помош на изнемоштеното животно.

    Во фејсбук објавата тогаш Риситќ напиша: „Циганите (поради некоја политичка, или не знам каква, коректност нарекувани Роми, као со тоа нивните злодела да добиваат на легитимитет или нивниот живот на квалитет) ја претоварувале, константно ја тормозеле Аурора и во даден момент нејзината нога пука, не може да додржи… паѓа! Циганите собираат сè што до претходно било на нејзиниот грб и ја оставаат така, падната и во бесознание… Од тука па натака, следевте низ нашите објави… Коњот не е куче, нема да може да преживее со три нозе“.

    По нејзината објава имаше бурни реакции на социјалните мрежи, при што ромските здруженија и ромските невладини организации тогаш најавија тужба за Ристиќ, која е истакнат активист за права на животните и често помага во разни хуманитарни акции за луѓе и животни.

    Ристиќ, која е долгодишна актерка вработена во Драмски театар, на Фејсбук завчера ја објави поканата од ОЈО Скопје.

    „Реков – Аурора е симбол. Еднаш одземена од мачителите (неблагодарни корисници на мејзината коњска снага), (условно спасена) па повторно украдена од истите, на крај фрлена покрај патот, оставена да умира во пеколни маки.  Дали мислите дека понаку ќе реагирав да беа Срби, Ескими или Индијци?! Не! Знаете ли дека против злосторниците нема и невозможно е (барем сега засега) да се покрене постапка? Ќе остане енигма зошто некој се обидува преку мене да поентира и да си го оправда сопственото постоење…“, ни рече Ристиќ.

    На социјалните мрежи голем број актери, јавни личности и активисти и изразуваат поддршка на Ристиќ, со хаштагот #Јас сум Ирена Ристиќ#, а најавуваат и собир пред ОЈО на денот на рочиштето. Во реакциите се истакнува дека иако Ристиќ треба да сноси одговорност за изречениот збор, сепак сепак не може да биде гонета за говор на омраза бидејќи за такво дело таа требала да повика на насилство врз одредена група на луѓе, а тоа не го сторила. Особено се истакнува и селективната реакција на Обвинителството, кое не реагираше изминативе десетина  години кога од истакнати јавни личности имаше бројни случаи на говор на омраза кон Албанци, кон ЛГБТ заедницата, кон новинарите, кон невладините организации. Во реакциите се истакнува дека во сите меѓународни извештаи токму селективната правда е идентификувана како еден од главните проблеми во македонското судство.

    „Се’ уште на дланкиве го чувствувам пулсирањето на повредената нога на Аурора и колку и да ме боли сеќавањето, и колку и да ме прогонува нејзиниот поглед додека лежи во сопствениот измет, токму тоа ми дава и сила и мотив да продолжам да се борам“, вели Ристиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира