СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ПРЕД ДЕНОТ НА ВМРО ГО ПРАЌА МЕТЈУ ПАЛМЕР, КОЈ ТРИ ДЕНА СЕДЕШЕ ВО МАКЕДОНИЈА НА ИЛИНДЕН

    СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ПРЕД ДЕНОТ НА ВМРО ГО ПРАЌА МЕТЈУ ПАЛМЕР, КОЈ ТРИ ДЕНА СЕДЕШЕ ВО МАКЕДОНИЈА НА ИЛИНДЕНЗаменик-помошникот на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер доаѓа во Македонија на 22 октомври; - по средбата со премиерот Зоран Заев на 1 август (Фото: К. Попов)

    Заменик-помошникот на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер ќе дојде во Македонија на 22 октомври, на разговори за поддршката од САД на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција и за важноста од продолжување на реформската агенда на земјава, соопшти Амбасадата на САД во Скопје. Палмер ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и владини и претставници на политичките партии.

    Палмер доаѓа ден пред празникот 23 Октомври – Ден на ВМРО, кој е неработен ден.

    Последен пат во Македонија Палмер беше на Илинден, пред референдумот за името, кога при тридневната посета беше и на чествувањето на Мечкин Камен во Крушево и беше сведок кога владината делегација предводена од вицепремиерот Кочо Анѓушев беше нападната од група навивачи од „Комити“. Нападот дојде по говорот на претседателот Ѓорге Иванов кој повтори дека не го прифаќа Договорот со Грција оти е штетен за Македонија.

    Палмер за време на таа посета имаше средби и со Иванов, Заев, со лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а беше и во Кавадарци на средба со градоначалникот Митко Јанчев, кој е и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

    По средбите, Палмер изјави дека на опозицијата ѝ кажал да размисли сериозно што нуди Преспанскиот договор како европска иднина за Македонија и да најде начин како да ја поддржи оваа европска иднина.

    „Да гледаат на работите стратешки, да размислат што е најсветла иднина за македонските граѓани, посебно за младите, и сериозно да размислат што нуди Преспанскиот договор како европска иднина за Македонија, што отвора како можности и да најдат начин како да ја поддржат оваа европска иднина“, рече во август Палмер.

    Оваа посета на Палмер доаѓа по писмото до Мицкоски од помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел, што го објави Стејт департментот на 16 октомври, во кое се вели дека САД се разочарани од позициите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот за името и за чекорите во Собранието за промена на Уставот, и бараат од лидерот на партијата да создаде простор за пратениците да одлучат како ќе гласаат за уставните промени ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда. Во тоа писмо Мичел нагласи дека и покрај тврдењата дека можел да се постигне некаков ‘подобар договор’ од Преспанскиот, САД не веруваат дека тоа е можно.

    „Овој Договор е штетен за интересите на мојата нација и татковина и како таков е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ“, му одговори Мицкоски на Мичел на 17 октомври и нагласи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ едногласно го прифатила ставот дека уставните измени кои се во собраниска процедура се неприфатливи.

    По еден ден пауза, денеска продолжува собраниската седница за предлогот за потребата од пристапување кон уставни измени во врска со Договорот со Грција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира