СТО ПАЦИЕНТИ СО КОВИД-19 ДОСЕГА СЕ ЛЕКУВАНИ СО КОНВАЛЕСЦЕНТНА ПЛАЗМА ДАРУВАНА ОД ИЗЛЕЧЕНИ БОЛНИ

    СТО ПАЦИЕНТИ СО КОВИД-19 ДОСЕГА СЕ ЛЕКУВАНИ СО КОНВАЛЕСЦЕНТНА ПЛАЗМА ДАРУВАНА ОД ИЗЛЕЧЕНИ БОЛНИОд Институтот за трансфузиона медицина велат дека се обезбедени вкупно 129 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со ковид-19. - Од лабораториите во Институтот. (Фото: К. Попов)

    Над сто пациенти со ковид-19 од почетокот на коронакризата во земјава се третирани со конвалесцентна плазма, што содржи антитела против овој вирус создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста, соопшти Министерството за здравство. Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со ковид-19.

    Вкупно ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата се 19.096, оздравеа 15.645, починаа 768, а активни се 2.683.

    Од Институтот за трансфузиона медицина велат дека се обезбедени вкупно 129 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со ковид-19. Од нив, 68 единици се обезбедени преку аферезна процедура од вкупно 30 дарители, и 59 единици се обезбедени преку стандардно дарување.

    Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од ковид-19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирус. Исто така, согласно протоколите ќе биде земен и примерок за одредување концентрација и/или титар на неутрализирачки антитела Anti-SARS-CoV-2.

    „Да им помогнеме на лицата кои во моментов се борат со коронавирусот – да донираме ковалесцентна крвна плазма“, апелираат од Институтот.

    Оттаму додаваат дека сите оздравени пациенти кои ги исполнуваат условите за дарители, може да се јават за детални информации и закажување во Институтот за трансфузиона медицина.  Формуларот за донор на ковид-19 ковалесцентна плазма е достапен на следниов линк.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира